Годинава на глобално ниво беше исполнета со многу предизвици: нестабилни цени на суровини, пад на индустриско производство во регионот, раст на инфлацијата, покачување на каматните стапки… Се соочивме со големи пореметувања во синџирот за набавки, флуктуации на цените и недостаток на некои суровини и материјали, но особено ми е драго што и покрај ваквите специфични услови на функционирање, ние успеавме да ги осигураме пласманите на сите педесет пазари каде сме присутни и да го задржиме континуитетот на раст на продажбите и надминување на зацртаните планови, вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Муакетов во своето обраќање до вработените.
-Повторно, во кризни услови, и оваа година продолживме со нашите инвестициски активности. За инвестициските потфати во изминативе пет години, чиј износ достигна сума од 104,1 милиони евра, „Алкалоид“ го доби признанието за „Најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум Western Balkan Six.
Во 2023 година ја привршуваме изградбата на мега инвестицискиот проект „Таблетно одделение 2“, кој очекуваме да овозможи диверсификација и значително зголемување на нашите производствени капацитети за цврсти форми.
Во динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои изминативе две децении ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот „Алкалоид“.
Планираме да алоцираме повеќе ресурси во истражување и развој, со цел понатамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.
Во моментов, „Алкалоид“ е компанија на преку 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.
Во годинава што изминува, остваривме и значаен дел од ESG стратегијата за односот кон животната околина и заедницата. Одговорноста кон животната околина и кон заедницата се маратон, кој е составен дел од секојдневието на секој еден вработен во Алкалоид Групацијата, во сите земји каде имаме воспоставено операции.
Во иднина, ЕСГ сегментот ќе се проширува и интензивира, пренесувајќи се на сите иматели на удели во „Алкалоид“ со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.
Пред нас е повторно година полна со неизвесности. Во вакви турбулентни времиња, на вас, нашиот најзначаен ресурс, единствено би ви посакал да останеме на позитивниот курс и во духот на компаниското мото: Здравјето пред се, да ја потврдиме перцепцијата на „Алкалоид“ како компанија која е достоинствено исправена и подготвена да одговори на сите предизвици, вели Муакетов.