еМагазин
Image default
Македонија

Гласањето за референдумот заврши, затворени избирачките места

Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните можеа да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.

По затворањето на избирачките места можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Право на глас имаа еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во Избирачкиот список. Се гласаше на 3.748 избирачки места кои беа отворени од 7 до 19 часот.

Според последните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК), одѕивот до 18:30 часот беше 34,09 проценти.

Ден пред референдумот, вчера гласаа лицата во казнено-поправните установи, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Во казнено-поправните установи низ земјава, вкупно 13, до 17 часот излезноста беше 64,69 отсто. Гласале 1.008 од евидентираните 1.558 лица со право на глас. Во своите домови, пак, според првичните информации од општинските изборни комисии, гласале 1.520 болни или изнемоштени лица од запишаните 1.859.

Вчера гласаа и граѓаните на Република Македонија во странство. Пријавени за гласање беа 2.694 македонски државјани, а тоа можеа да го направат во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија низ светот. 

Како што соопшти ДИК, до 17 часот вкупно 985 македонски иселеници или 36,56 отсто  излегле да гласаат за референдумското прашање, но во нив не беа влезени оние од САД, Канада и Лондон (вкупно шест гласачки места) каде гласањето не беше завршено.

По затворањето на гласањето во 19 часот, ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием.

Конечните резултати од референдумот ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. ДИК ги објавува резултатите од референдумот во Службен весник во рок од 15 дена од денот на одржувањето.

Денешното изјаснување на референдумот го набљудуваа рекорден број домашни и странски набљудувачи. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.

Покрај домашни, референдумот го следеа и странски новинари. ДИК акредитира 83 новинари од 32 медиуми.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Завршни зборови на одбраната во случајот „Тортура”

Редакција

Британскиот сој на Ковид-19 бил присутен во Македонија уште во декември

Редакција

Убава вест: Оздравени 14 болни од Ковид-19

Редакција