еМагазин
Image default
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за претседателката на Комисијата за избори и именувања

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска од СДСМ.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски изјави дека барањето се поднесува поради тоа што таа „неделовнички и неуставно на се уште не завршена точка на дневен ред и незавршена комисија“, поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.

– Тие уставни судии што им одговараат, ги поднесуваат на гласање без да биде воопшто завршен процесот на дискусија на самата седница каде што именуваната Марија Георгиевска не ја закажуваше цели десет месеци до пред некое време.

Тоа е спротивно на членот 128 од Деловникот, каде што е точно наведено дека работното тело заседава и откако ќе заврши седницата подготвува извештај и записник за тоа што се одлучило на самото работно тело, а оваа седница на Комисијата за избори и именувања не е завршена, рече Милошоски.

Вториот прекршок, според него, е на членот 129 од Деловникот, каде што пишува дека известител во однос на кои било седници од работните тела најчесто е претседателот на тоа работно тело пред пленумот.

– Ние видовме вчера дека претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска немаше дури ни храброст да се јави пред Собранието, пред пратениците да објасни зошто поднела парцијален извештај, зошто ја прекинува Комисијата и пишува извештај без да биде истата завршена и барем да беше присутна и да земе збор и да каже зошто смета дека овие селективно одбрани кандидати за уставни судии заслужуваат да бидат членови на Уставниот суд, рече пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ.

Опозициските пратеници сметаат дека со самото вакво однесување на владејачкото мнозинство во Собранието, дополнително се девалвира не само Уставниот суд како институција, туку и Собранието, а најмногу довербата на граѓаните во правосудството.

– Очекуваме оваа интерпелација да биде во најкус можен рок ставена на пленарна седница и се надеваме дека пратениците кои што веруваат не само во политиката како професија, туку и во Деловникот како демократска процедура, ќе ја поддржат оваа интерпелација и ќе може на чело на Комисијата за избори и именувања да дојде пратеник кој ќе го почитува Деловникот, кој што е начин на демократска работа во Собранието, рече Милошоски.

Георгиевска: Иницијативата за моја интерпелација е обид да се предизвика уставна криза во државата

Иницијативата на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за моја интерпелација како претседателка на Комисијата за прашањето на изборите и именувањата, не е ништо друго освен обид за прикривање на нивната вистинска намера, а тоа е да се предизвика уставна криза во државата, изјави денеска пратеничката Марија Георгиевска.

Пратеничката на СДСМ истакна дека таа во својство на претседателка на Комисијата го известила собранискиот претседател Талат Џафери дека ова собраниско тело со мнозинство гласови се изјаснило за изборот на двајца предложени кандидати за уставни судии и дека за нив постапка за избор може да продолжи.

– Во Комисијата за изборите и именувањата се води дискусија, односно расправа за секого поединечно и исто така и за секој предлог посебно се гласа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци намерно го одолговлекуваат изборот на кандидатите, односно изборот на уставните судии, со што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во ова Собрание го докажуваат тоа што го прават постојано – кочење, блокирање и поттикнување на каква било криза, истакна Георгиевска.

Таа нагласи дека врз основа на нејзина проценка на она што се случува во Собранието, доставила парцијален извештај, којшто не е целосен.

– Комисијата за прашање на избори и именувања по Деловникот не доставува извештај, туку носи одлуки и одлуките како предлог ги дава на пленумот којшто понатаму треба да одлучува.

Затоа јас дадов известување до претседателот што се случува во Комисијата, дека не гледам изгледи оти таа ќе продолжи да функционира како што треба и го информирам, односно му давам предлог на пленумот за овие два предлози, за коишто веќе поединечно е завршена расправата и за нив е донесена одлука од мнозинството членови, а дека по однос на третиот кандидат за уставен судија расправата во Комисијата се уште тече и таа ќе продолжи понатаму да се работи, меѓутоа тоа не смее да претставува пречка за нефункционирањето на Уставниот суд, изјави Георгиевска.

Таа додаде дека на постојаните реакции во јавноста, сметала дека Собранието не смее да си дозволи целосна неодговорност и да се блокира работата на Уставниот суд.

– Мора да сносиме одговорност. Не можеме да дозволиме да биде блокиран Уставниот суд. Знаете дека работи на границата на донесување на одлуки. Знаете дека на уште еден судија сега на почетокот на декември му завршува мандатот. Значи, Уставниот суд нема да биде во можност да носи одлуки, додаде Георгиевска.

Во однос на доставената интерпелација за нејзината работа, Георгиевска нагласи дека очекува таа да се најде на собраниска седница и да се дискутира по неа.

– Таму ќе се утврди дали имаме противделовничко работење. А дали сум работела противуставно надлежен е токму Уставниот суд, којшто опозицијата сесрдно со месеци, година и половина се труди да не биде ставен во функција. Уставниот суд нека процени дали се работи неуставно или се работи согласно она што е Деловник во ова Собрание, додаде Георгиевска.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дури 40% од граѓаните не веруваат во ниеден политичар, следи Мицкоски, па Ахмети: Анкета на ИПИС

Редакција

Соработникот на Лидија Димова доби условна казна

Редакција

Случај „Траекторија“: Какви СМС пораки му прајќал Јанакиески на Божиновски

Редакција