Пресудата за издвоената постапка за Гордана Јанкулоска за предметот „Тенк“ ќе биде соопштена на 8 октомври, соопшти денеска претседателката на Судечкиот совет Добрила Кацарска, по изнесените завршни зборови.
Обвинителството, во завршниот збор, побара Судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, како и да ги подмири трошоците заедно со Поповски и Груевски во висина од 313 илјади денари.
Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкуловска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на премиерот Груевски.
– Обвинетата Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службена должност, бидејќи таа била свесна за своето дело и го сакала спроведувањето. Предлагаме Судот да ги земе како отежнувачка околност степенот на одговорност, а како олеснителна околност семејната состојба, рече Фатиме.
Одбраната, во завршен збор, рече дека во постапката било грубо нарушен принципот на еднаквост на оружјата, СЈО не ја докажало својата надлежност, како и дека Судот треба да донесе пресуда за дејствие што наводно се случило пред шест години врз основа на докази кои во најголем дел се прибавени со кршење на домашните и меѓународни права.
Обвинетата Гордана Јанкуловска во завршен збор, рече дека додека траела постапката таа требало да се грижи за неколкумесечно бебе, како и дека била изложена на медиумски линч со објавување делови од незаконско стекантите аудио разговори.
– Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок. Судот во однос на мене треба да донесе ослободителна пресуда, рече Јануколовска.
Посочи дека мнозинството од судечкиот совет веќе јавно изрекол став за нејзината вина во пресудата против Ѓоко Поповски и Никола Груевски, со што и било прекршено правото на презумција на невиност, а експресната пресуда во еден месец е само доказ дека за судот е битно да се запази постапката, а не да се утврди вистината.
Судењето за Јанкулоска почна на крајот на август годинава, откако обвинетата се породи. Нејзе и се суди посебно откако Судот го прифати барањето на адвокатите за лекарското боледување поради нејзината бременост.
Во „Тенк“ веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард“ во вредност од 600 илјади евра.
Медиумите пренесоа дека, завршните зборови Јанкулоска ги кажала расплакана.
МИА/Фото: Фејсбук/Јанкулоска