Во населбата Идризово денеска беше означен почетокот на изградбата на нов дистрибутивен центар на Прилепска пиварница во Скопје.
Новиот објект ќе се простира на 5.040 метри квадратни на парцела од 11.500 метри квадратни која се наоѓа веднаш до веќе постоечкиот објект на Прилепска пиварница.
За изградба на објектот Прилеска пиварница ќе вложи 3,5 милиони евра сопствени средства, а во него ќе се вработат 32 лица од различни профили и со различен степен на образование.
Според најавите од претседателот на УО на Прилепска пиварница Кирил Самарџиоски, се очекува објектот да биде готов до крајот на годинава и во него да се вработат од 30 до 35 лица од непосредната околина.
– Земјиштето на кое се гради објектот беше земјоделско земјиште кое го купивме од приватни сопственици. Сите кои ги прашавме за совет ни рекоа дека ќе ни треба најмалку една година за да се пренамени во градежно земјиште. Сепак, кога отидовме кај градоначалникот на општина Гази Баба тој ни рече завршете ги започнатите процедури за купопродажба, а за најмногу два месеца ќе добиете градежна дозвола. Така и се случи, рече Самарџиоски.
МИА/Фото/видео: Влада