еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

МПЦ против менување на името на црквата и на државата

Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на редовната годишна седница што вчера и денеска се одржуваше во манастирскиот комплекс „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта го потврди и реафирмира ставот за неменување на името на МПЦ и неменување на името на државата.

Во Резолуцијата на Соборот, како што истакна денеска на прес-конференција портпаролот на МПЦ-ОА владиката Тимотеј, поддржан е ставот на МПЦ од 26 декември лани за неменување на уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на РМ и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет.

– Членовите на АЦНС воедно упатуваат и апел за национално единство и искрен и молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за нашата татковина, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско, истакна Тимотеј.

Преку Резолуцијата, Советот упати и апел до државните институции да се поведе поголема грижа за просветните институции на Македонската православна црква, за црковно-историските споменици, како и предметот „Етика во религиите“ да добие статус на редовен предмет во државното образование.

Едногласно, како што рече Тимотеј, биле прифатени и изгласани и предложените амандамани за дополнување на Уставот на Македонската православна црква.

– АЦНС ги прифати предлозите на САС и одлучи досегашната Полошко-кумановска епархија да се подели на две засебни епархии и тоа Тетовско–гостиварска православна епархија и Кумановско-Осоговска православна епархија и се додаваат во член 7 од Уставот на Македонската православна црква. Врз основа на направената географска поделба на Македонската православна епархија во Австралија, во чл. 7 од Уставот, покрај „Македонската православна епархија за Австралија и Нов Зеланд со седиште во Мелнбурн“ се додава и „Австралиско-сиднејска православна епархија со седиште во Сиднеј“, појасни владиката Тимотеј.

Редовното годишно заседание АЦНС го одржуваше вчера и денеска во манастирскиот комплекс „Рожденство на пресвета Богородица“ во Калишта, во рамки на одбележувањето на јубилеите „1000 години Охридска Архиеписопија“ и „60 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“, како и „75 години од Свештеничкото собрание во Издеглавје“, „200 години од раѓањето на митрополитот Партениј Зографски“ и „1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарско МНР „зачудено од остриот став“ за Ванчо Михајлов и обвинува за „антибугарска кампања“

Редакција

Ништо од потпишаното со „Меѓународниот сојуз“ не е реализирано, кажа Силјан Мицевски на судењето

Редакција

Турција за скандалозна ја смета одлуката весникот „Заман Македонија” да добие пари од државата

Редакција