еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Имаше многу неправди кон Македонија, време е сето тоа да се респектира, вели хрватскиот премиер Пленковиќ

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска е во својата прва официјална посета на Хрватска, а покрај бројните активности имаше и заедничка прес-конференција со неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ, кој порача дека Хрватска останува подготвена да и помогне на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија (ЕУ).

-Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира, изјави Пленковиќ, кој подвлече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Македонија кон ЕУ.

-Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет.

Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија, изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.

Мицкоски рече дека неправдата што и е нанесена на Македонија во изминатите две и пол децении е голема и дека ние имаме направено отстапки како никој друг тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.

– Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори.

Тоа за жал зависи и од други.

Ние направивме доволно. Сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме, рече Мицкоски.

Тој изрази убедување дека вредностите коишто пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека „нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на ЕУ“.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Во Скопје од Ковид-19 има 139 заразени основци и 70 средношколци

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ во среда ќе се изјасни околу референдумот

Редакција

Убава вест: 17 оздравени пациенти од Ковид-19, вкупно 1.552

Редакција