еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Димчевски: Изучувањето на металургијата отвора бројни кариерни можности во нашата држава

Благојче Димчевски e дипломиран металуршки инженер по Екстрактивна металургија кој од 2007 година, по завршување на студиите на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) се вработи во Макстил.

Макстил го одбрал бидејќи за време на изработката на неговата дипломска работа, забележал дека единствено таму, од тогашните металуршки комбинати (Фени, Југохром), има стратегија за ангажирање млади кадри.

Од контактите пак со неговите колеги, знаел дека е компанија којашто планира да инвестира во производството, и која мисли на долгорочен план.

Имате завршено средно стручно училиште, но продолживте со студии на Технолошко-металуршкиот факултет. Која беше причината што се пренасочивте на техничките науки?

– Еден од родителите работеше во велешка Топилница, јас имам завршено средно стручно училиште, Металуршки техничар, што значи металургијата ја имам засакано од мали нозе. Бидејќи имав голема желба за развој и учење од областа на металургијата се запишав на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Како прво вработување по студиите, колку бевте подготвени за веднаш да се впуштите во технолошките процеси на Макстил и колку стекнатите знаења беа применливи?

– Како мое прво вработување во гигант како Макстил, ентузијазмот беше премногу голем, но јас мислам дека комбинацијата знаење со ентузијазмот беше добитна, односно основа за загарантиран успех. Мислам дека таа сигурност и самодоверба ја стекнав токму од теоретската основа што ја добив на факултет.

ТМФ како образовна институција заедно со професорскиот кадар, навистина нудат квалитетно образование, издржана теорија, пренесена непосредно и често комбинирана со практична работи во компании, а неретко и во Макстил. Мислам дека токму тоа ми помогна веднаш да се интегрирам во комплексен производен процес во компанија од калибарот на Макстил.

Веќе 17 години работите во Макстил. Што е она што прави да не посакате да ја смените компанијата во која работите?

– Денешната технологија на комуникација ни овозможува брза размена на информации со колеги, пријатели. Човек пред да донесе одлука за промена на фирма би гледал да прибере што е можно повеќе информации за функционирањето на останати компании. Јас лично сметам дека Макстил е компанија која доста вложува во подобрување на условите за работа, едукација и грижа за своите вработени преку обуки, размена на искуство со останати компании од нашата област како и други бенефиции. Исто така, мислам дека компанијата има слух и разбирање за предлог идеи кои даваат добри резултати.

Макстил и ТМФ имаат воспоставено соработка со цел поттикнување на интересот за природните науки кој е намален. Колку ваквата соработка може да помогне во зголемување на интересот за студирање на ТМФ, кој во минатото беше престижен факултет?

– Намалениот интерес на младите за природните науки, како и намалениот интерес за средните стручни училишта, влече корени многу години наназад, од затворањето на многу големи компании во тешката индустрија.

Изучувањето на металургијата, може да понуди многу можности за кариерно напредување, посебно во компанија како Макстил. Природните науки се примамливи и интересни за младите и доколку знаат точно каде кариерно може да ги позиционираат, мислам дека интересот значително ќе се зголеми.

Воспоставената соработка помеѓу Макстил и ТМФ е за поздравување и нормално дека ќе поттикне дополнителен интерес. Секако за овој интерес да се прошири кај што поголем број млади кадри, потребна е поголема медиумска покриеност, институционални решенија на национално ниво за оваа проблематика, за да се поттикне интересот кај младите за студирање како на ТМФ, така и на останатите технички факултети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нациoналната агенција за европски образовни програми си купи џип, лимузина и комбе од „Порше лизинг“

Редакција

Сакам да верувам дека е ненамерен пропуст, вели Ковачевски откако Петков го „исече“ од фотографијата со Блинкен

Редакција

(Видео) Ковачевски се сретна со Зеленски: Македонија e на вистинската страна на историјата и продолжува со поддршката за Украина

Редакција