Денеска во Градскиот парк во Скопје, се одржа настанот „Розов пикник“, организиран од Здружението „Езра“ и компанијата Медикус Хелп, по повод започнувањето на Светскиот месец посветен на ракот на дојка.
Претседателката на Здружението ЕЗРА, Емануела Додева ја раскажа својата лична приказна и мисијата на Здружението.
„За жал, мојата баба која ми беше како втора мајка го напушти овој свет поради оваа болест. Ја изгубив и мојата драга пријателка, која имаше само 28 години. И мојот дедо беше дијагностициран со рак.
Овие загуби ја изградија мојата судбина. Да бидам гласот на пациентите и да се борам за нивните права. За подобро утре, за подобра грижа, за секој живот,” изјави Додева.
Извршната директорка на ЕЗРА, Лиридона Лимани ја истакна важноста на рана дијагностика, охрабрувајќи ги сите да преземат проактивен пристап кон своето здравје.
„Важно е да сме свесни и информирани. Редовните прегледи и самопрегледот се клучни во раната детекција и успешно лекување,“ истакна таа.
Компанијата Медикус Хелп која постои повеќе од 32 години и има богато портфолио кое вклучува, ортопедски помагала, производи за рехабилитација, компресивен програм, кислородна терапија и производи за постмастектомија и медицински перики.
Тие се долгогодишни партнери на Здружението ЕЗРА, и активно учевстуваат со набавка на перики, кое Здружението ги донира на сите новозаболени пациенти од рак на дојка.
Една од ретките компании кои има специјално дизајнирани производи кои во целост ги донира за ваквите кампањи е компанијата АВОН, партнер на ЕЗРА.
„Фокусирани сме на подигање на свеста за ракот на дојката со цел да се осигураме дека и жените но и мажите ги препознаваат знаците, ги знаат ризиците и знаат кои чекори да ги преземат доколку е потребно. Од 1992 година сме во првите борбени редови против оваа болест.
И досега имаме донирано над 951 милион долари за ширум светот, едуцирајќи 180 милиони жени и финансирајќи преку 20 милиони превентивни прегледи на дојка,” истакна Елка Георгиевска, специјалист за Комуникации, АВОН.
Свое емоционално обраќање имаше Маја Трајковиќ, дипломиран професор, магистер и библиотекар, која преку автобиографската книга „Пресек” ја сподели својата лична борба, покажувајќи дека женственоста и силата се неразделни.