Вчера на два дена од престанокот на нејзиниот мандат, Весна Дамева, си поднесе оставка од позицијата претседател на Судскиот совет.
Таа ќе остане член на Советот, до утре, додека ѝ трае мандатот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева си поднесе оставка
Оставката, како што соопшти ја дала поради притисок од политичари од власта, кои правеле обиди да го нарушат нејзиниот личен интегритет, но и за да го заштити семејството.
Во врска со притисоците ги посочи и премиерот Христијан Мицкоски, како и потпретседателот на македонското Собрание, Антонио Милошоски.
Која е Дамева
Дамева, во јануари годинава се врати на претседателското место во Советот, откако претходно во април минатата година, незаконски беше разрешена од таа функција.
Стана претседател на Судскиот совет во декември 2022 година и беше единствен кандидат за таа позиција.
Според официјалните податоци објавени на веб страната на Судскиот совет, Дамева никогаш не била судија, а целото работно искуство го стекнала во Основен кривичен суд Скопје, каде била вработена од октомври 2002 година, најпрво како приправник, а потоа како стручен соработник.
Во текот на својата работа била распоредувана во повеќе одделенија на судот, а одреден период била и стручен соработник на претседателот на судот, овластено лице за постапување по претставки и поплаки и овластено лице за посредување со информации од јавен карактер.
Член на Судскиот совет е од пред пет години.
„Врска„ со СДСМ
Дамева е поранешен член на правната комисија на СДСМ, па по нејзиниот првичен избор беше и објавена фотографија на која е со поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, во просторија на партијата.
Таа пак на обвинувањата за „врската„ со СДСМ тогаш изјави дека со својата досегашна работа докажала дека има интегритет и дека не е член на ниту една политичка партија и додаде: „Ние како граѓани сме симпатизери, сме поддржувачи на политичка опција. Не гледам ништо спорно„.
„Кога станав член на Судски совет, не сум обавувала партиска функција. Вашето прашање се должи на фотографија во јавноста.
Фотографија на било кој од нас, со одредени лица од политиката не може да остават етикета и да остават впечаток дека сум припадник на политичка партија. Јас со мојата работа докажав дека не сум припадник никаде, туку имам интегритет, стручност и знаење.
Пред мене стои закон и ништо друго. Сега не сум член сега на политичка партија, ниту кога сум била избрана“, рече Дамева тогаш за реакциите пред новинарите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавила Весна Дамева, претседателката на Судскиот совет, која поднесе оставка
Фото: Телма/СДСМ