Новото истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), „Украдени животи“, открива дека организирана група изработувала фалсификувани лични карти со кои биле злоупотребени личните податоци на македонски граѓани, а потоа биле користени за подигање на т.н. брзи кредити.
Документарецот на ИРЛ открива дека групата со фалсификуваните лични карти отворала и банкарски сметки во име на граѓаните – жртви.
Со украдени идентитети и фалсификувани лични карти кои се изработувале на Косово, а на кои се лепеле фотографии од лица од Бугарија и Србија, организираната група подигала пари од финансиски друштва во земјава кои нудат брзи кредити.
Притоа, се краделе идентитети на невини граѓани, а меѓу нив и на ментално попречени лица и одамна иселени граѓани.
Документарецот покажува и дека институциите целосно потфрлиле да ги заштитат личните податоци на граѓаните. Информации за матични броеви, адреси и кредитна и здравствена историја протекувале од дузина државни институции.
Во документарецот се вели и дека измамничките шеми и предаторските пракси на „продавниците за пари„ се резултат на речиси непостоечкиот надзор врз индустријата за брзи кредити – само шест службеници од Министерството за финансии контролираат 27 финансиски друштва со 220 подружници.
Фото/видео: ИРЛ