Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов вели дека за 12 месеци, односно од почетокот на минатата година досега минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти, што значи дека инфлацијата не е 3,5 проценти како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10 проценти.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари, што значи зголемување од 10,63 проценти.
Трендафилов ги обвини трговците дека се алчни и се богатат на грбот на работниците.
-Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега дека во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување, истакна Трендафилов.
Како што посочи, информациите говорат дека цената на житото на светските берзи е намалена за околу 13 проценти, а кај нас цената на лебот е намалена само за еден денар и нема намалување на цените на брашното и други производи.
– Сметаме дека е добро Владата како што почна на почетокот во септември да им ги извади фактурите за набавната вредност на производите кои се увезуваат и да покажат по која цена се увезени производите, а потоа по која цена ги продаваат, рече Трендафилов.
Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.
Фото: Unsplash