еМагазин
Image default
Македонија

43% од Грците сметаат дека Договорот од Преспа ќе се реализира

Само еден отсто е разликата меѓу оние кои сметаат дека ќе се реализира и оние кои сметаат дека нема да се спроведе Договорот од Преспа, покажува последното истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прашањето: Од она што го знаете или што го имате слушнато до сега, според вашето мислење, Договорот од Преспа со ПЈРМ ќе се заврши?“, 44 отсто од испитаниците дале негативен (31 отсто „веројатно не“,13 отсто „сигурно не“), а 43 отсто позитивен одговор (33 отсто одговориле „веројатно да“, 10 отсто „сигурно да“).

При анализа на овие резултати, според гласот даден на последните избори во септември 2015 година, гласачите на СИРИЗА се оние кои веруваат дека решението меѓу двете земји ќе има успешен завршеток, додека пак шест од 10 гласачи на Нова демократија дале негативен одговор.

Од гласачите на СИРИЗА, 58 отсто (39 отсто „веројатно да“ и 19 отсто „сигурно да“) дале позитивен одговор, а 35 отсто негативен одговор.

Од најголемата опозициска партија, само 30 отсто сметаат дека Договорот од Преспа ќе се заврши, додека пак, 64 отсто (45 отсто „веројатно не“, 19 отсто „сигурно не“) даваат негативна процена.

Во однос на распоредот на силите на грчката политичка сцена, Нова демократија и понатаму е во водство пред СИРИЗА со 10 отсто разлика. Опозициската партија, според истражувањето на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, добива 31 отсто, а владејачката партија 21 отсто.

Златна зора е стабилна на третата позиција со 7.5 отсто, а зад неа се Движење за промена ( седум отсто), Комунистичката партија ( шест отсто) Река и Сојуз на централисити (1.5 отсто), додека, пак, актуелниот коалициски партнер во грчката Влада – Независни Грци, добива само еден отсто, а со тоа и не обезбедува влез во Парламентот.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, беше спроведено меѓу 14 и 16 октомври, на територијата на цела Грција, а телефонски беа анкетирани 1.355 лица со право на глас.

МИА/Фото: Влада на РМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јовески: До крајот на денот треба да заврши преземањето на предметите од СЈО

Редакција

Бугарското вето „успеа” да ја ослаби улогата и влијанието на ЕУ во целиот регион, вели Шекеринска

Редакција

Јанакиески останува на слобода, одбиен предлогот за притвор за настаните од 27. април

Редакција