Со оглед на сериозноста и сензитивноста на случајот, апелираме до сите новинари и медиуми доследно да ги почитуваат етичките принципи од Кодексот на новинарите и другите професионални стандарди, притоа внимавајќи на почитување на личната болка на семејствата на загинатите и повредените лица, велат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
„Информирањето треба да биде засновано на потврдени информации од официјални извори, а сензационалистичките шпекулации и непроверени вести мора да се избегнат.
Во таа насока, ги повикуваме медиумите да се придржуваат кон следните принципи:
Да се избегнува сензационализам – драматични наслови, фотографии и видео-материјали што можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност во јавноста.
Да се објавуваат само проверени информации – пренесени од релевантни извори, добро и двојно проверени, без шпекулации и непотврдени наводи.
При интервјуирање и снимање сведоци или блиски на жртвите – да се покаже емпатија, почит кон нивните чувства и да се внимава при начинот на поставувањето прашања и водење на разговорите
Известувањето да биде одмерено и непристрасно – со цел да не се создава дополнителна загриженост во јавноста преку пренагласување или сензационално толкување на случувањата.
Новинарите треба да се водат од принципите на одговорно и хумано новинарство, имајќи предвид дека нивните извештаи директно влијаат на јавното мислење и психолошката состојба на граѓаните,“ се вели во соопштението.
Од таму ги охрабруваат граѓаните кои ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават преку официјалните формулари достапни на веб-страниците на ЗНМ и СЕММ. Со тоа ќе се овозможи детектирање и евидентирање на медиумите што не ги почитуваат професионалните стандарди.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Тапанарот на ДНК Горги Горгиев, помеѓу загинатите во пожарот
Бројката на загинати во пожарот во дискотеката се искачи на 59, на повредени 155