еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Бигорски манастир: До кога животот на младите луѓе ќе биде заложник на неодговорноста и на несовесноста?

Братството на Свештената Бигорска Обител упати сочувство до семејствата и ближните на трагично загинатите и повредените во катастрофалниот пожар во Кочани.

„Оваа невидена трагедија кај нас, којашто одзеде десетици млади животи, смртно ја рани и онака измачената народна душа. Болката од овие загуби е неизмерна, а ние, како браќа и сестри во Христа, како граѓани на Македонија, неизбежно ја чувствуваме како своја.

Со тешко воздивнување се молиме за блажен покој на душите на постраданите, за нивно вбројување меѓу оние кои вечно се радуваат во светлината на Божјата љубов и убавина. Нашите молитви се упатени и за повредените, за нивно брзо и целосно исцеление.

Особено сострадуваме и во срцата ги носиме оние чиишто домови денеска осамнаа во црнина – родителите на настраданите, браќата, сестрите, роднините и пријателите, чиишто скрб и болка не можат да се опишат и да се ублажат со зборови. Господ Бог, Кој е единствената утеха за ранетото срце, да ја ублажи нивната грамадна жалост и да ја претвори во надеж за Воскресение и за вечен живот во Христа,“ велат од Бигорски манастир.

Од таму додаваат дека „оваа трагедија, за жал, е уште едно потсетување дека во нашето општество честопати владее недостиг на одговорност и совест.“

„Колку ли животи би можеле да бидат спасени ако постоеше грижа, ако секој ја преземеше својата одговорност со сериозноста што животот ја бара од нас? Повторно сме очевидци за тоа како неодговорноста, небрежноста и алчноста можат да доведат до ненадоместливи загуби.

Како општество, мораме да застанеме и да се запрашаме: до кога животот на младите луѓе ќе биде заложник на неодговорноста и на несовесноста? До кога ќе гледаме како се повторуваат истите трагедии без одговорност и исправање?

Затоа, денес, освен сострадание и молитва, упатуваме и повик – повик кон општеството, повик кон совеста, повик кон себеси. Доста е со површноста, доста е со пренебрегнувањето, доста е со замижаните очи и со премолчувањето на одговорноста. Човечкиот живот е светост, непроценлив дар од Бога, и секоја негова загуба поради несовесност и нечесност е и наша колективна вина.

Во овие моменти на неизречива тага и горчина, единствената надеж останува во Оној Кој е Патот, Вистината и Животот, Воскреснатиот и Воскресителот, Христос вистинскиот Бог наш и Спасител. Само преку Него можеме да најдеме утеха, само преку Него можеме да го преобразиме овој свет во место каде што човечката грижа и љубов ќе бидат над секоја немарност и себичност.

Нека Господ им подари вечен покој и добар Рај на загинатите, брзо исцеление на повредените, утеха на семејствата, а на сите нас – разум, чесност, совесност, одговорност и љубов кон ближниот, за да не дозволиме ваквите трагедии да ни бидат секојдневие,“ се додава во соопштението.

Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија исто така испрати сочувство.

„Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со исклучителна тага и жал ја прими злокобната вест за огромната трагедија во Кочани, во која животот го загубија голем број на наши млади чеда, а уште многумина се борат за живот.

Но, и во овие мигови на непоимлива скрб, да не заборавиме дека Бог е Бог на живите и дека во Него нема мртви. Оттаму, иако е невозможно да се најдат човечки зборови за утеха, сепак, утеха на семејствата и блиските, но и на сите нам, нека ни биде верата дека споменот на праведниците е вечен и дека тие вечно ќе постојат во Вечноживиот Бог.

Се молиме Троединиот Бог – Богот на љубовта, да ги прими душите на невино постраданите Свои чеда во Едемската градина, а на нивните најмили да им даде утеха и сили, испраќајќи им ја Својата небесна закрила.

На повредените, пак, Бог – Лекарот на сѐ, да им дарува брзо закрепнување и исцеление,“ се вели во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Немало хидрант, резервниот излез за евакуација бил заклучен со катанец без брава: Хорор услови во т.н дискотека

(Видео) Оваа е шупата, т.н. дискотека во Кочани во која ни загинаа најмалку 51 дете

Обвинителство поведува постапка за проверка на 11 лица, за осуммина бара краткотраен притвор од кои тројца се хоспитализирани

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Српскиот патријарх Порфириј: Браќата од Македонија се вратија во единство и тоа го гледаме како чудо

Редакција

Проф. Трајковски: Не треба да се радуваме пред време, сé уште сме во зоната на 4. степен на ризик за ширење на заразата

Редакција

Дизелот поевтинува за два денари, цената на бензините останува иста

Редакција