еМагазин
Image default
Македонија

Никола Тодоров: Не се пронаоѓам во антизападно ВМРО-ДПМНЕ

Никола Тодоров, поранешен министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и еден од главните функционери во партијата се игласи на својот Фејсбук профил.

„Почитувани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, драги пријатели, почитувани граѓани,

Денот на Македонската револуционерна борба, за мене ден на ВМРО, оваа 2018 година го дочекав со голема тага и разочараност. Но, не од фактот што е даден предлог за мое исклучување од партијата на која и го посветив мојот живот и мојата младост, на која со мојата напорна работа, многу самoжртва и посветеност заедно со соборците од општинските, месните комитети и кимовите, и донесовме многу победи и причини за славење.

Не, тоа не е причината за мојата разочараност, бидејќи знам дека не ме исклучија и не можат да ме исклучат од мојата партија.

Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во Анти-западна, Анти – ЕУ и Анти-НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси“, напиша Тодоров.

Тој додава дека во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО не се пронаоѓа.

„Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција. ВМРО преживеала и поминала многу, ќе ги преживее и нив. За разлика од нивната фракција, мојата партија ВМРО-ДПМНЕ е Европска, модерна, центар-десна партија, во која искрено членуваат македонски родољуби, интелектуалци, работници, домаќини луѓе, народот. Македонскиот народ.

Напатениот и илјада пати злоупотребениот и изневерен македонски народ. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата е со ограничен мандат, не повеќе од 8 години (два мандата), Унијата на жени е почитувана организација која обезбедува целосна рамноправност помеѓу мажите и жените во управувањето со партијата со најмалку 40% учество на сите нивоа на управување, од конгресот на партијата па до секој КИМ.

Во мојата ВМРО-ДПМНЕ постапката за избор на нов претседател на партијата почнува најмалку 9 месеци, а најмногу 1 година пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, со далеку поголем број на делегати и со сериозно поголема застапеност на УМС, УЖ и Унија на ветерани на конгресот, и со поголема партиципација на општинските комитети, односно со делегирање на 1 делегат на секои 250 членови.

Општинските комитети самите ги бираат делегатите, бидејќи е нелогично и недемокртски нив да ги поставува претседателот на партијата, а тие потоа да го бираат него. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ УМС има најмалку 3 претставници во ИК, и е евро-атлантски ориентирана(како што и беше, а знам дека и сега е). Унијата на ветерани е мудроста и чувар на вистинската вмровската доктрина и е застапено со тројца преставници во ИК. Поранешниот претседател не може веднаш да биде прогласен за почесен, туку тоа може да се направи по најмалку 8 години по неговата смена.

Во мојата ВМРО, забранет е непотизмот и забрането е раководството од ОК и ИК да си ги вработат сите роднини во државната администрација, или да си ги постават на високи партиски или државни функции. Мојата ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана партија. Како што кажав мојата ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна политичка партија. И јас сум сеуште со срцето и душата во ВМРО-ДПМНЕ и никој, никој не може да ме исклучи од мојата партија.

Семејството, државата и партијата ми се најважните.

Нека е честит денот на македонската револуционерна борба,

Да живее ВМРО-ДПМНЕ,

Да живее Македонија“, напиша Тодоров.

Фото: Фејсбук/Никола Тодоров

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колкава моќ има Мицкоски: Што пишува во статусот на ВМРО-ДПМНЕ во делот на разрешувања

Кои се причините: Сашо Мијалков и Никола Тодоров пред исклучување од ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска конститутивна седница на Собранието, десет дена рок да се обезбеди мнозинство за формирање Влада

Редакција

Еве на кои места денеска ќе се врши теренска вакцинација

Редакција

(Фото) Димитров и Рикер наздравија: Протоколот за НАТО ратификуван во Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД

Редакција