Управата за финансиска полиција до Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против Т.Д. (61) во својство на градоначалник на Општина Демир Капија за злоупотреба на службената положба и овластување, потпомогнат од Т.П. (48) во својство на овластен проценител и П.М. (60) во својство на претседател на Совет на Општина Демир Капија, како и од М.Ј. (65) во својство на поттикнувач, односно лице кое се стекнало со противправна имотна корист, поради постоење на основи на сомнение дека пријавените сториле кривични дела и тоа: злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво по член 353 став 5 вв. со став 1, помагање, предвидено и казниво по член 24 во врска со член 353 став 5 и поттикнување, предвидено и казниво по член 23 во врска со член 353 став 5, сите од Кривичниот Закон на Р. Македонија.
„Имено, во месец март 2012 година бил склучен грант-договор помеѓу Делегацијата на Европската унија во Скопје и градоначалникот на Општина Демир Капија Т. Д. кој се однесувал на имплементација на проект – Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет, во вредност од 262.366 евра.
За инвестиција во инфраструктура односно реконструкција на стара училишна зграда на КП 4082/2, КО Демир Капија (во сопственост од ½ на Општина Демир Капија и ½ во сопственост на четвртопријавената М.Ј.) инвестирани се парични средства во висина од 11.247.184 денари, од кои од Грант договорот износ од 101.230 евра односно 6.225.645 денари, како и дополнително обезбедени парични средства од Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 5.021.539 денари.
Првопријавениот Т.Д. од Демир Капија во својство на градоначалник на Општина Демир Капија, потпомогнат од второпријавениот Т.П. и третопријавениот П.М. и поттикнат од четвртопријавената М.Ј., во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што на четвртопријавената М.Ј. и продал објект и земјиште на КП бр. 4082/2 во ½ сопственост на Општина Демир Капија за 1.667.000 денари, кој износ e десет пати помал од реалната пазарна цена, односно не ја земал во предвид и претходно инвестираната реконструкција од Општина Демир Капија на објектот во износ од 11.247.184 денари, со што и овозможил на четвртопријавената М.Ј. да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на Општина Демир Капија.
Првопријавениот Т.Д. на 12.06.2013 година склучил Договор за продажба на недвижност –½ зграда од околу 800 м2, сопственост на Општина Демир Капија како продавач и М.Ј. од Кавадарци како купувач, во вредност од 1.667.000 денари, кој износ првопријавениот преку својата лична трансакциска сметка и го префрлил на четвртопријавената за да може истата да го купи објектот.
Исто така првопријавениот од својата лична трансакциска сметка и по извршената продажба, во име и за сметка на четвртопријавената М.Ј. префрлил парични средства во износ од 4.493.000 денари за реконструкцијата на објектот, односно го финансирал довршувањето на објектот.
Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет, основана од страна на Општина Демир Капија каде дополнително се инвестирани парични средства во висина од 68.437,76 евра за информатичка и компјутерска опрема, опрема за преведување, мебел, кујни и друга опрема како и за други трошоци за организирање на обуки.
Исто така првопријавениот Т.Д. ја злоупотребил службената положба во текот на месец април 2017 година, потпомогнат од третопријавениот П.М., на начин што без надомест ја отстапил фондацијата Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет (сопственост на Општина Демир Капија) каде претходно од страна на Општина Демир Капија се вложени парични средства од Грант договорот во висина од 4.208.922 денари на свој близок роднина, на кој начин му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на Општина Демир Капија.
Со горенаведените незаконски дејствија пријавените сториле кривични дела со кои е предизвикана штета на буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари (251.319 евра)“, информираат од Управата за финансиска полиција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Приведен поранешниот градоначалник на Демир Капија и претседател на Советот на општината