Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ – Скопје, на 08.05.2025 година, во хотелот Александар Палас, го одржала своето 19. редовно годишно изборно Собрание, на кое било избрано новото раководство на Комората со мандат 2025 – 2028 година, информираат од таму.
За членови на Управен одбор на МАСИТ биле избрани: Јордан Димитровски, Аитоникс, претседател на Управен одбор, Благој Христов, Македонски Телеком, Драган Чепујноски, А1 Македонија, Дамјан Манчевски, МАК-Систем, Софче Јовановска, Скеил фокус, Весна Иваноска, Киншифт Академи, Костандина Пареска Медарски, Валтек, Филип Петровски, Дата мастерс и Зоран Лазаревски, Ултра.
За членови на Надзорен одбор на МАСИТ, се избрани: Горан Митев, Едусофт, Миле Стоиловски, Брансис и Маријана Андриќ, Маранд.
За членови на Судот на честа на МАСИТ се избрани: Дашмир Истрефи, Хојотек, Сашо Јовановски, Даталаб и Јана Дамевска, Инфиго.
На конститутивната седница на Управниот одбор на МАСИТ, која се одржала на 15. мај 2025 година, Јордан Димитровски, експерт за развој на бизнис, сопственик и извршен директор на компанијата „Аитоникс“ бил избран за претседател на Управниот одбор на МАСИТ за мандатниот период 2025–2028.
Компанијата Аитоникс е високо етаблирана и добро позната во ИКТ индустријата, а оваа година одбележува 25 години успешно работење во Македонија.
-Веруваме дека изборот на Димитровски носи нова енергија, фокус на конкретни резултати и посветеност на јакнењето на улогата на ИКТ секторот во националниот развој.
Во согласност со последните статутарни измени на МАСИТ, функцијата претседател на Управниот одбор вклучува и улога на официјален претставник на Комората пред институциите, партнерите и јавноста, што ја позиционира оваа функција како клучна во понатамошното водење и застапување на МАСИТ.
Очекуваме период исполнет со засилена соработка меѓу членовите, проактивна улога на Комората во креирање на политики и конкретни чекори во насока на дигитална трансформација и интернационализација на македонските ИКТ компании, велат од таму.