Просечната каматна стапка на вкупните депозити од домаќинствата во септември изнесува 1,39%, при минимално надолно поместување од 0,01%, соопшти Народната банка.
Намалувањето е под влијание на каматната стапка на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), во услови на непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула и девизните депозити.
Каматната стапка на вкупните депозити од домаќинствата на годишно ниво е намалена за 0,08 п.п.
Истовремено, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата овој месец изнесува 6,17%, при минимално месечно намалување од 0,01 п.п.
Падот кај оваа категорија произлегува од намалувањето на каматната стапка кај сите компоненти на оваа категорија, и тоа: на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.) и на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,02 п.п., соодветно).
Кај оваа каматна стапка е забележано намалување од 0,29 п.п. во однос на септември минатата година.