Две пумпи по налог на раководството на јавното претпријатие за комунална дејност ЈП „Комуналец“ – Гостивар дури три недели внесувале загадена вода во градскиот водовод, соопшти Основното јавно обвинителство Гостивар.
Тоа донесе наредба за спроведување истражна постапка за Артана Асани, в. д. директорка на ЈП „Комуналец“, В.Д., шеф на „Водовод и канализација“ и Л.Н., техничкиот директор на ЈП „Комуналец“, за “тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на Загадување на вода за пиење“.
Тие со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода Општината Гостивар и дел од околните села.
Тројцата вчера беа приведени.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Осомничените на 25. јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.
-На 16. јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи се уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја – колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем.
Во системот дошло до мешање односно пренесување на вода со штетни материи од каналот во главниот цевковод за водоснабдување, велат од Обвинителството.
Како што е познато по наредба на јавен обвинител, Институтот за јавно здравје изврши анализи на земени примероци од површинската вода од отворениот канал.
-Констатирано е дека водата е многу загадена и не може да се употребува за ниту една намена поради присуство на колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл, а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии, како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл, додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл.
Поради високата загаденост водата станала неупотреблива и не е безбедна за употреба и консумација од страна на луѓето, велат од Обвинителството.
Дополнително анализиран е примерок земен од чешма на улицата “ЈНА“ во Гостивар каде е констатирано дека во водата има високо присуство на хлор и тоа концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л, кој претставува отстапување од максимално дозволената вредност според важечкиот правилник каде е опишан оспег од 0.2 до 0.3 мг/л но не повеќе од 0.5 мг/л.
-Имајќи предвид дека настанатите промени од загадувањето не можат лесно да се отстранат, јавниот обвинител оцени дека се исполнети обележјата кои даваат основано сомнение дека е сторено наведеното кривично дело, велат од таму и посочуваат дека Обвинителството продолжува да презема истражни дејствија за целосно испитување на случајот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Градоначалникот на Гостивар не чувствува лична одговорност за епидемијата во Општината
Дури 3.100 лица побарале медицинска помош во Општина Гостивар














