На Неделата на дизајнот во Скопје годинава ќе има десет концерти на музичари и диџеи од регионот, кои ќе настапат на сцената во поткровјето на Јавна соба.
Еден од ѕвездите на разновидната музичка програма годинава е српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк кој веќе настапи на отворањето на 21. ноември и приреди неверојатно искуство за скопјани. Фанк веќе 15 години настапува како диџеј, а заедно со Дени Круз во 2014 ја отвори издавачката куќа „Круз мјузик“ (Cruise Music), која е една од најуспешните издавачи на џекин и фанки хаус во светот.
Што се однесува до овој музичко забавен дел на Неделата на дизајнот во Скопје, вечерва (23. ноември) настапува хрватската диско-панкатракција „Лолобригада“ со почеток во 22 часот. Групата постои 15 години, а во 2009 освојува награда за најдобар бенд на Балканот на Ем-Ти-Ви Европа.
Трите албуми, „Cartoon explosion“, „Lollobrigida Inc“ и „Пилула“ се исполнети со силна енергија и откачени стихови. „Лолобригада“ е единствениот бенд што 11 пати свирел на фестивалот Егзит, а има концерти и на најголемите фествали на Балканот.
Утре (24. ноември) својот концерт ќе го одржи српскиот џез состав ЗАА кој е препознатлив по своите концерти на фестивалите Егзит и Реге Србија. Постоjат 10 години, a позади нив се 3 албуми – „ЗАА“ (2010), „Good Things“ (2011) и „What About“ (2014). Концертот започнува во 22 часот на поткровјето на Јавна соба.
Во текот на фестивалот свои настапи ќе имаат и диџеите Константин, Еми Ермилова, Соул Кејс.
Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.
Активностите ќе се реализираат во Јавна соба и Лукс секој ден од 10 до 01 часот, а влезот за сите посетители е слободен.
Повеќе информации на: www.ministryofpleasure.net