Познатиот детски хирург и специјалист по детска кардиохирургија, Владимир Чадиковски со тимот заминуваат од Клиниката за детска хирургија и од 1 февруари преминуваат во клиниката „Жан Митрев“.
Тој вели дека таму ја продолжуваат мисијата на креирање насмевки на лицата на најмалите и нивните родители.
„21 година помина од мојот прв работен ден на Клиниката за детска хирургија во Скопје. И денеска ја чувствувам позитивната трема и неверојатната возбуда од непознатото. Низ годините, силната љубов кон професијата и желбата за подобро здравје на најмалите се главниот двигател кој ме води напред.
Мојот сопствен успех, како и успехот на мојот тим е најголем мотив за продолжување на медицинската приказна. Бескрајно сум благодарен на моите ментори и сите колеги за несебичната поддршка, за богатото знаење и посветеност сите овие години. Здравјето и негата на моите херои, се мојот најголем успех“, вели Чадиковски за новиот предизвик.
Тој продолжува на клиниката „Жан Митрев“, бидејќи Владата донесе одлука детската државна кардиохирургија да се сели таму.
Целта, како што посочи министерот за здравство Венко Филипче е да се спојат експертизите во државното и приватното здравство, односно да се симне јасната бариера меѓу државните и приватните болници и да се овозможи нашите доктори да може да работат во приватните установи.
Чадиковски, иако заминува, најави дека пациентите кои ги оперирал, ќе најде начин како да ги следи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ