Менаџерскиот тим на рудникот за олово и цинк САСА донесе одлука за ново зголемување на месечните примања на сите вработени за пет проценти, почнувајќи од 1. јануари оваа година, информираат од компанијата.
Со ова најново зголемување, платите во рудникот САСА ќе бидат и до 30% повисоки од просечните плати во рударската индустрија во земјава.
Зголемувањето на платите на сите вработени во рудникот САСА започна во април минатата година, кога раководството на компанијата ја објави динамиката по која ќе се одвива овој процес.
„Со најновата одлука за покачување на платите на сите вработени потврдуваме дека остануваме доследни на нашите ветувања и заложби за унапредување на благосостојбата и социјалната сигурност на сите вработени во САСА. И во оваа пригода можам да потврдам дека благосостојбата, заедно со безбедноста и здравјето на сите вработени остануваат наши највисоки приоритети во кои ние и понатаму ќе продолжиме да вложуваме“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Олег Телној.
Покрај во покачување и усогласување на платите по работни позиции, рудникот САСА во изминатиов период направи и дополнителни вложувања во осовременување на системите за организиран превоз и исхрана на вработените, како и во останатите сегменти кои имаат влијание врз унапредувањето на вкупните услови за работа во рудничкиот компекс, информираат од компанијата.