еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Велигденска порака на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден.

– Сè што било проречено за Спасителот Господ Исус Христос од старозаветните праведници – се исполнило: и доаѓањето, и раѓањето, и служењето, и судењето и распнувањето… Се исполнило и навестувањето за Неговото воскресение, кое Самиот го прорекол, кога рекол: урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам.

И навистина: по лажните обвиненија, по неправедната пресуда и по распетието на Голгота, Синот Божји бил погребан и на третиот ден – воскреснал. Затоа, денот на Христовото Воскресение е ден за радост, и тоа радост за вечниот живот. Но, за да го разбереме и да му се радуваме на тој спасоносен ден, потребно е да живееме со настанот што ги донесе новото време и новата ера.

Со Неговото воскресение се оправда и сета наша вера и доби смисла животот. Од тоа чудо над чудата извира и надежта во сопственото воскресение, зашто ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера.

Велигденската радост треба да нè зближува и да нè обединува сите, како чеда на нашата мајка Црква, и нас во Татковината, и сите вас што живеете раселени по светот. Без разлика каде сме, да живееме богоугодно и во мир со сите луѓе, чувајќи ги националните и духовните посебности како народ, покажувајќи потребна грижа за светоста на бракот и семејството, грижа за повозрасните, изнемоштените и сиромасите, а особено за младите и нивното воспитување во духот на верата православна и на нашите прадедовски традиции.

Како народ конечно да најдеме начин за меѓусебно помирување, па да простиме сè со Воскресението. Тоа нам, како христијани, ни е света должност, зашто кој не го љуби својот брат – како може да Го љуби Бога?!

Прославувајќи го Христовото Воскресение со сите христијани во светот, да се радуваме и веселиме поради победата над смртта, поради верата во сеопштото воскресение и надежта во вечниот живот во Царството небесно.

Да се радуваме заради Воскресението Христово и воскресението наше, поздравувајќи се со торжествениот поздрав: Христос Воскресе!, стои во велигденската порака на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почина актерката Љупка Арсова Џундева

Редакција

Витамини и минереали за повеќе насмевки и забава во зима

Редакција

Стабилно време до недела, потоа значително постудено

Редакција