ЕВН, Шпаркасе Банка и GEFF програмата на EBRD заеднички го одбележаа интернационалниот ден на животната средина – 5ти јуни со саем за најнови енергетски ефикасни технологии на Градскиот плоштад во Скопје.
Девеесет и два процента од светската популација не дише чист воздух, вклучително и земјите на Балканот, па токму затоа оваа година темата на одбележувањето на Светскиот ден е аерозагадувањето.
На саемот беа презентирани различни солуции за воведување на енергетска ефикасност во домовите. Учесниците на саемот изложија современи решенија за енергетски ефикасна изолација на објектите, сончеви колектори, осветлување, котли и фотоволтаични системи.
Компаниите изложувачи меѓу кои Бекамент, Енерго Систем, Винт, Термо Систем и Алфа Плам се само мал дел од „Селекторот на Tехнологија“ на EBRD GEFF, онлајн каталог со околу 4.000 енергетско ефикасни производи достапни на македонските граѓани.
Во рамки на саемот Шпаркасе Банка и ЕВН ја презентираа меѓусебната соработка за поставување и финансирање на фотоволтаични системи. ЕВН од неодамна на домаќинствата и бизнисите им нуди услуга „клуч на рака“ за инсталација на фотоволтаици. Услугата подразбира целосно проектирање, конфигурација и вградување на фотоволтаичните системи во објектите на корисниците.
Корисниците пак, имаат можност за финансирање на фотоволтаичните системи на ЕВН преку ЕКО кредитот на Шпаркасе Банка. ЕКО кредитот за фотоволтаиците е наменет за физички лица и е со максимален износ од 50.000 евра.
Каматната стапка е фиксна во првите три години и изнесува 5,7%, а потоа променлива почнувајќи од 5,9% во останатиот период на отплата. Кредитот има можност и за грант до 20% од вкупната вредност на самиот кредит.
GEFF програмата на EBRD во Западен Балкан до сега има обезбедено над 8 милиони евра инвестиции во проекти за енергетска ефикасност кои придонесоа за заштеда на над 2.5 милиони килограми CO2 емисии годишно – што е еквивалентно на потрошувачката на енергија од околу 500 домаќинства и 1.600 автомобили отстранeти од улица секоја година.
Примената на енергетската ефикасност има големо влијание на намалувањето на аерозагадувањето. Со имплементација на солидни енергетски ефикасни решенија едно домаќинство може да ја намали потрошувачката на енергија до 40%, а со намалена потрошувачка на енергија и замена на необновливата со обновлива енергија значително се намалува нивото на стакленички гасови во околината.
Овој 6ти јуни, индустријата, заедниците и индивидувалците се повикуваат заеднички да ја истражат обновливата енергија и зелените технологии за да се подобри квалитетот на воздухот низ светот. Саемот за енергетска ефикасност во организација на ЕВН, Шпаркасе и EBRD GEFF претставува една мерка во функција на остварување на оваа глобална цел.