Ќе се надградува студијата за изградба на „Чебрен“ и ќе се обновува тендерската документација. Проектот вреден половина милијарда евра повторно ќе заживее, во вид на јавно-приватно партнерство.
Како што беше речено денеска во Владата по потпишувањето на Договорот со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), изградбата на хидроелектраната се очекува да почне догодина, а првите количини струја би требало да протечат во 2025 или 2026 година со оглед дека се работи за голем, капитален проект.
Според вицепремиерот Кочо Анѓушев, заинтересирани инвеститори има многу, од регионот и од Западна Европа. Сите се од енергетскиот сектор.
-По десетина години, го оживуваме проектот „Чебрен“ кој е веројатно стар колку што сум јас и кој многу години и генерации го зборуваат. Но, од тогаш се променети многу работи. Ценевме дека е разумно и прагматично, она што е досега направено да не го фрламе, туку да го искористиме, само да го надградиме согласно она што го бараат актуелните околности на енергетскиот пазар кој е многу полиберализиран во регионот. Таа можност треба да ја искористиме. Предност е и тоа што нашата држава денес е многу постабилна од пред десет години и поради тоа многу поатрактивна за странските вложувачи, истакна Анѓушев.
Апдејтирањето на студијата зад која стои ИФЦ, со најновите технички податоци и со податоците од актуелните услови на енергетскиот пазар ќе се заокружи до октомври/ноември годинава по што, најави Анѓушев, до крајот на 2019-та ќе се распише и тендер. Тендерската постапка, пак, се очекува да заврши во првата половина на 2020 година, а потоа ќе почне и изградбата на хидроелектраната.
„Чебрен“, напомена вицепремиерот, ќе има можност за давање секундарна регулација или т.н. балансна енергија која има своја вредност, а тоа како проект ќе го направи уште поатрактивен за инвеститорите.
Инсталираниот капацитет ќе биде флексибилен за компанијата инвеститор, но, сепак, не помал од 350 мегавати. Во јавното приватно партнерство, страната на државата ќе ја застапува ЕСМ која сега е многу помоќна компанија од она што беше порано.
– Досега имавме девет неуспешни тендери за „Чебрен“, а некаде слушнав дека се 11. Не би сакал да навлегувам од кои причини не поминаа, иако имаше и објективни и субјективни. Во еден период се јавија сериозни инвеститори, но се одлучи да не им се дозволи да склучат договор.
Овој пат сум убеден дека тендерот ќе успее зашто државата е многу постабилна за разлика од пред 10 години, а тоа значи сигурност за инвеститорите и атрактивност. Земјава е пред зачленувањето во НАТО, а наскоро треба да ги почне и преговорите со ЕУ што дополнително ја прави привлечна за странските вложувачи, потенцира Анѓушев.
Потпретседателката на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите, Џорџина Бејкер рече дека земјава има добар потенцијал за производството на хидро-енергија.
-Со нетрпение очекуваме да работиме заедно со неа и со другите развојни партнери на изработката на проценката на проектот за „Чебрен“ кој претставува клучна иницијатива за подобрување на идната енергетска сигурност на земјата. Владата на Северна Македонија е со амбициозна цел, долгорочен економски развој, одржлив раст, креирање работни места, а ИФЦ сака да биде дел од тоа, изјави Бејкер.
Проектот за ХЕЦ „Чебрен“, според ИФЦ, има потенцијал на Северна Македонија да и обезбеди чиста обновлива енергија и да овозможи земјата да ја намали зависноста од јагленот со кој сега се произведува електрична енергија за повеќето од домовите и бизнисите. Исто така, овој проект има потенцијал да обезбеди важни услуги за енергетските системи како во Северна Македонија така и во другите земји од регионот.
МИА/Фото: Влада