Првата Парада на гордоста „Скопје прајд“ што викендов се одржа во главниот град мина во најдобар ред и покажа дека во земјава има слободоумни луѓе кои иако не се геј знаат да препознаат што е основно човеково право и јавно да застанат во одбрана на идејата дека љубовта е љубов без разлика дали станува збор за хетеро или истополови љубовници.
Паднаа во вода прикаските за мали деца дека „педерите“ се нелуѓе, дека нешто со нив не е во ред или дека на скопските улици ќе ни се случат Содома и Гомора односно блуд и разврат.
Напротив, „Скопје прајд“ ги извади на улица најубавите лица во градот, но и од државата кои видно расположени, со насмевки и со еден куп забава и позитивна енергија кажаа доста за жигосувањето на геј и „трансџендер“ популацијата.
За жал, тоа не може да се каже за учесниците на таканаречениот контра марш „Сведоштво за семејството“ кои побараа зачувување на традиционалните семејни вредности со почитување на бракот како заедница меѓу маж и жена, спротивставувајќи се на редефинирање на семејството, бракот, полот и родот. Изразите на нивните лица не оддаваа среќа.
Интересно е што тие меѓудругото соопштија дека маршот го одржуваат, бидејќи се загрижени поради обидите за редефинирање на бракот и семејството со агресивна пропаганда и идеологија и дека нивна одговорност пред Бог, совеста и светоста на животот е да се бранат трајните морални вредности на човештвото и општеството: бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, семејството, верата, нацијата и државата.
Без да се навлегува во верските чувства и сфаќањата на овие лица за моралните вредности и бракот… тоа е нивно право…. загрижува што МПЦ, Католичката црква и ИВЗ јавно ја осудија „Парадата на гордоста“ заборавајќи дека сите луѓе се чеда господови, па дури и припадниците на геј популацијата.
Тоа што овие верски организации си земаат право да судат наместо да остават нивниот претпоставен и врховен Бог да суди кога ќе дојде време е многу поголем грев отколку љубовта што беше покажана на „Парадата на гордоста“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Радмила Шекеринска за Парадата на гордоста: „Љубов е љубов“
Фото: Влада