Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска со преставници од Здружението „Сите сити – Ајде Македонија” и Црвен Крст денеска го посети прифатниот пункт за бездомници во Момин поток, кадешто околу 50 лица изминатиот период добиваат топол оброк преку иновативното решение на „Сите сити – Ајде Македонија”.
Храната е свежо подготвена во Здружението за деца со посебни потреби „Дама- ел”, дел од намирниците се пазарни вишоци, а дел се набавуваат.
„Мене ми е особено драго да зборувам тука денеска бидејќи „Сите сити -Ајде Македонија”, имаат двојно општествено влијание. Од една страна со новиот иновативен модел кој го претставија обезбедуваме храна за три пати повеќе граѓани отколку претходно.
Од друга страна, поставуваат пример за развој на социјалното претприемаштво, коешто може да нуди навистина квалитетни услуги за најранливите категории граѓани. На овој начин преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Токму затоа, ние, како Влада и Министерство ги развиваме социјалните претпријатија од коишто државата ќе има можност да купува услги“, изјави Царовска.
Освен доставување на храна за бездомниците во Момин поток коешто се прави секоја среда изминатиот период „Сите сити –Ајде Македонија” пилотира модел за дистрибуција на прехранбени пакети до социјално загрозените граѓани во Скопје, Куманово и Прилеп.
Исто така, волонтерите на Црвен крст, двапати во неделата дистрибуираат топол оброк за 10 стари лица во нивните домови.
Дополнително, од понеделник до петок храната собрана од „Жито леб”, продавници за овошје и зеленчук и други локали се дистрибуира до народната кујна во Ѓорче Петров, каде што се подготвуваат околу 200 оброци.
Иновативниот модел чија вкупна вредност изнесува околу 2 милони денари и е финасиран од Фондот за иновации и технолошки развој и планот е понатаму да почне да се применува низ целата држава.