еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Во Кочани протест за загадување на воздухот од фабрика за хартија

Граѓани кои живеат во непосредна близина на фабриката за хартија „Пејпар мил“ во Кочани денеска излегоа на едночасовен мирен протест поради загадувањето на воздухот од фабричкиот оџак.

Блокирајќи го влезот на компанијата тие изразија незадоволство што во последните неколку месеци од оџакот на еден од погоните се испушта густ и задушлив чад, а за што веќе реагирале до надлежните служби во општината и пошироко.

„Немаме ништо против сопствениците и вработените во фабриката за хартија, но загадувањето што се прави од оџакот на котларницата е неиздржливо. Протестираме затоа што сме загрижени за здравјето на нашите деца, но и на сите граѓани кои живеат и работат овде.

Пред околу две години, кога фабриката почна повторно да работи чадот го немаше, но од пролетта наваму практично се гушиме, не можеме да отвориме прозорец, ниту да излеземе во двор. Пријавивме во Општината со барање да реагира и Државниот инспекторат за животна средина, но досега нема промени во состојбата“, истакна Владимир Крстов, кој беше дел од групата граѓани кои протестираа.

Додека граѓаните протестираа од оџакот немаше чад, а од фабричкото обезбедување добија известување дека вработените се на одмор. Протестот заврши мирно, со најава дека ако состојбата не се подобри за краток период, следниот пат ќе преземат проигорозни активности и нема да дозволат влез и излез одфабриката.

Од Општина Кочани пак,информираа дека упатиле неколку барања до компанијата „Пејпар мил“ да достави известување за промената во начинот на работење што влијае врз животната средина.  Притоа, добиено е известување дека фабриката поседува А-интегрирана еколошка дозвола, а била направена промена во погонското гориво за добивање водена пареа, односно наместо природен метан, сега се користат дрвени пелети.

Од кочанската локална самоуправа упатиле и повеќе писмени известувања и ургенции до Министерството и до Државниот инспекторат за животна средина со барање да се преземат соодветни контроли и мерки за да се отстранат негативните влијанија од промената на горивото во фабричката котларница.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Општина Кавадарци ќе го користи изумот на професорот Ангелков, „паметни канти“

Редакција

Воздухот во Скопје под 24 часовен надзор во наредните 12 месеци

Редакција

Зголемено загадување на воздухот во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, стапуваат во сила мерките за надминат праг на алармирање

Редакција