Претседателот на Собранието, Талат Џафери соопшти дека синоќа го потпишал Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори.
Консензуалниот датум на власта и опозицијата, како што наведува Џафери, е 15 јули 2020 година.
Според него, овие избори нема да бидат вообичаени зашто нема да има вообичаена изборна кампања, а сите граѓани, поради ситуацијата со Ковид-19 ќе мора да се придржуваат до мерките и препораките за заштита.
-Со оглед на тоа што наметнатите, неприродни услови со Ковид-19, го одложија спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12 април 2020, известувам дека имаме нова ситуација.
Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери во Република Северна Македонија постигнаа договор за закажување нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори.
Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15 јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните.
Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на 15 јули 2020 година е архивирано и пратено до Државната изборна комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот, информира Џафери.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пендаровски донесе нова одлука за вонредна состојба од 8 дена
Мицкоски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули
Заев и Мицкоски се договорија, избори на 15 јули
Фото: Собрание