Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев дојде во Кривичниот суд за да сведочи на рочиштето за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
На последното рочиште, што се одржа на 6-ти декември, сведочеше Јордан Камчев, кој рече дека во повеќе наврати обвинетиот Боки 13 пробал да го уценува со, според него, наместен предмет „Империја“ покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кој имал цел на нелегален начин да се стекне со поголема сума пари.
Од Јовановски, сведокот добил понуда за пи-ар реклама, Камчев му понудил 50.000 евра на што Боки 13 се навредил за висината на сумата.
Во својот исказ Камчев рече дека потоа Боки 13, заедно со третообвинетиот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, кој ја призна вината и беше осуден на три години затвор, му понудил бизнис за отворање фешн молови, а по одбивањето на тој проект, добил друга понуда за изградба на старечки домови за што првообвинетиот му побарал четири милиони евра.
-Во меѓувреме платив 180.000 евра за реклама на неговата телевизија. Потоа ми пушти слика со обвинителката Јанева, по што ми кажа дека се спрема нешто големо против мене, изјави Камчев и додаде дека „Рекет“ е конструиран од Боки 13 и уште неколку луѓе.
Сведокот рече дека и обвинителката Лиле Стефанова преку нејзиниот пријател Ванчо Чифлиганец барал средства за ќерката на Лиле за ординација во зградата на „Адора“.
Камчев потоа бил приведен и понудил гаранција за домашен притвор, а во првите денови во фирмите имал и инспекции во сите компании. Ова, рече тој, беше смислен притисок од Боки 13, преку Стефанова и Јанева.
МИА