еМагазин
Image default
Македонија

Апел до младите да се вакцинираат: Сè повеќе од нив, развиваат тешка клиничка слика од Ковид-19

Се намалува старосната граница на заразени од коронавирусот, кои развиваат тешка клиничка слика на болеста, информираат од Министерство за здравство.

„Меѓу последно евидентираните хоспитализиции и смртни случаи предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата предизвикан од делта мутацијата на вирусот.

Ниската стапка на вакцинација во рамки на младите групи е она што, за жал, е причина за сè поголем број на заразени да бидат токму младите, кои доколку не се имунизирани можат да развијат тешка форма на болеста, која пак може да доведе до хоспитализација, а некогаш и до смртен исход.

Недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина и за сè поголемиот број на хоспитализации во светски рамки. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите лица ја одбиваат или пролонгираат имунизацијата, со што се изложуваат на значително висок ризик од инфекција, а во случај на заразување сè почесто развиваат и тешки симптоми и компликации, бидејќи не се соодветно заштитени,“ се вели во соопштението.

Последните податоците од Израелската ЕКМО Асоцијација покажуваат дека сите хоспитализирани, критично болни пациенти кои се приклучени на апарат за животна поддршка во земјата се помлади од 60 години и без примена вакцина.

ЕКМО технологијата (екстракорпорална мембранска оксигенација) во Израел се користи во особено критични случаи на коронавирусот од почетокот на пандемијата, а во моменталниот, четврт бран на Ковид-19, од вкупно 31 невакцинирано лице приклучено на ЕКМО апарат, петмина починале, сите под 60-годишна возраст.

Од друга страна, шест пациенти третирани со ЕКМО, кои ја надминуваат старосната граница од 60 години, а кај кои се евидентирани и други здравствени нарушувања, успешно се опоравиле од инфекцијата со Ковид-19, бидејќи биле имунизирани четири до шест месеци пред хоспитализацијата, велат од Министерството.

Според претседателот на Асоцијацијата, Јигал Касиф, овие податоци се доказ дека невакцинираните пациенти страдаат од посериозни симптоми на Ковид-19, а младата популација која не е вакцинирана е особено подложна на развивање тешки симптоми од делта варијантата на вирусот.

И во Европа бројот на хоспитализации и пациенти со смртен исход е зголемен кај помладите, невакцинирани лица, велат од Министерството.

Во Англија, скоро две третини од смртните исходи предизвикани од делта варијантата се забележани кај пациенти под 50-годишна возраст кои не биле вакцинирани. Од вкупниот број хоспитализации пак, 74 отсто од истата старосна група биле без примена вакцина, покажуваат податоците од Англискиот национален институт за јавно здравство.

Речиси сите региони во Шведска пријавиле зголемен притисок врз болниците заради рапидното зголемување на случаите предизвикано од ширењето на делта варијантата на вирусот. Според податоците, мнозинството на нови хоспитализации се забележани кај лица кои не се вакцинирани или примиле само една доза против вирусот, односно не развиле целосен имунитет кој се добива по примање на двете дози на вакцината.

Здравствените работници во светски рамки се едногласни дека масовното ширење на делта варијантата и големиот број на инфицирани можат да се стават под контрола, доколку процентот на вакцинирано население се зголеми, особено меѓу младата популација кадешто трансмисијата на вирусот е најголема, велат од Министерството.

Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата, посочуваат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пановски за клиничката слика на младите од делта сојот: Имавме „тест“ во Охрид со илјадници „настинати“ кои лесно поминаа

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев и Гаши разговараат за влез на Алтернатива во Владата

Редакција

Што ќе значи вонредната состојба ќе зависи од однесувањето на граѓаните

Редакција

Вработена во армијата пријавила обид за обљуба од колега, Министерството за одбрана го испитува случајот

Редакција