еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Арачиновец нападнал со нож граѓани во скопски Аердором, откако претходно се обидел да ги прегази

Триесет и три годишен жител на Арачиново на 11. септември нападнал две лица со нож и им нанел четири убодни рани, а претходно се обидел да ги прегази со автомобил.

Како што информираа од Јавното обвинителство (ЈО), лицата биле нападнати оти вербално протестирале затоа што тој со голема брзина возел автомобил „Ленд ровер“ по плочникот кај трговскиот центар „Бисер“ во скопската населба Аеродром, предизвикувајќи значителна опасност за животот и телото на луѓето.

– Во моментот кога оштетените му забележале за опасноста што ја предизвикува, тој завртел со возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди.

Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото, се вели во соопштението.

-Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 33-годишник од Арачиново, бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело убиство според член 123 став 3 во врска со член 19 (во обид), велат од таму.

За него е поведена и постапка за предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Зошто “исчезнаа“ податоците за заболени со Ковид-19 по скопските општини и други податоци за коронавирусот

Редакција

Средбата Заев-Ахмети заврши без договор за нова Влада, разговорите продолжуваат

Редакција

Пожар на планината Јабланица

Редакција