еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

(Видео) Авион се урна кај Кавала, превезувал муниција од Србија за Бангладеш

Товарен авион Антонов управуван од украинска авиокомпанија се урна синоќа во близина на градот Кавала во северна Грција, соопштија локалните власти.

Локалните жители пријавиле дека виделе огнена топка и слушале експлозии два часа по несреќата, јави Екатимерини.

Грчките Управа за цивилна авијација соопшти дека авионот летал од Србија кон Јордан. Оператор на авионот Ан-12, со турбопроп мотор од советско производство, е украинскиот карго превозник „Меридијан“.

Грчките медиуми јавија дека во авионот имало осум лица и оти превезувал 12 тони „опасни материјали“, главно експлозиви. Но, локалните власти рекоа дека немаат конкретни информации за товарот и дадоа различни информации за бројот на луѓе во леталото.

Како мерка на претпазливост поради силна миризба што доаѓа од местото на несреќата, координативниот комитет составен од општински, полициски и службеници од противпожарната служба им порача на жителите на двете населени места најблиску до местото на несреќата да ги држат своите прозорци затворени цела ноќ, да не ги напуштаат своите домови и да носат маски. Властите велат дека не знаат дали имало опасни хемикалии во авионот.

Грчката управа за цивилно воздухопловство соопшти дека пилотот успеал да ги извести властите за проблем во еден од моторите на авионот и му бил даден избор да слета на аеродромите во Солун или во Кавала, а тој се одлучил за Кавала, која била поблиску, велејќи дека мора да изврши итно слетување.

Комуникацијата со авионот престанала речиси веднаш потоа. Авионот се урнал на околу 40 километри западно од аеродромот.

ЕРТ јави дека воени и експерти за експлозиви заминале кон локацијата, која се наоѓа на обработливо земјиште во близина на две села кои се дел од општината Пагајо. Ним ќе им се придружат и експерти од грчката Комисија за атомска енергија.

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ денеска изјави дека авионот Антонов 12 што се урна во близина на Кавала, северна Грција, превезувал 11,5 тони муниција од српската наменска индустрија во Бангладеш, а во несреќата загинале осум членови на екипажот.

Стефановиќ на прес-конференцијата рече дека авионот на украинската компанија Меридијан ЛТД, полетал од Ниш синоќа околу 20:40 часот и превезувал муниција на српската компанија Валир за Министерството за одбрана на Бангладеш, а биле планирани технички слетувања во Аман, Ријад и Ахмедабад, а требало да слета во Дака.

– Овој авион ги имаше сите соодветни дозволи, се во согласност со меѓународните прописи, рече Стефановиќ и додаде дека не се точни тврдењата на некои медиумите дека на тој лет се транспортирало оружје од Србија во Украина, оценувајќи ги како злонамерни и неточни.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Каков имот пријавила поранешната обвинителка на СЈО, Елизабета Јосифовска, кој ќе го застапува предметот „Тотал“

Редакција

Приватните превозници се договорија со Град Скопје, очекуваат да започнат со работа од 20 март

Редакција

Инспекторот Волканоски го сподели своето искуство со Ковид-19: “Вирусот се искраде“

Редакција