еМагазин
Image default
Интервју

Авторката на „Мистериозниот град под калето“, Тодоровиќ: Османлискиот период на градот Скопје на интересен начин претставен за децата

Александра Тодоровиќ e авторка на интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“, која неодамна излезе од печат. Во книгата Тодоровиќ го претставува градот Скопје од Османлискиот период и низ интерактивност се обидува да го задржи вниманието на деца и младинци од 7 до 15 години кои и преку илустрациите на Марко Јанев полесно ќе научат за тој период на градот.

Идејата за книгата, како што велите, настанала кога синот бил четврто одделение и учел за историјата на државата и на Скопје, но зошто токму Османлискиот период?

– Токму така, многу непосредно излезе целата идеја, како недостиг на ваков материјал за детската публика. Османлискиот период го избрав, бидејќи почнувајќи од него, може да се најдат поголем број податоци за историјата, за културно историските споменици кои датираат од тоа време. Голем предизвик претставуваше да се разработи тој период, да се долови миксот на културите на еден забавен и едукативен начин. Да се претстави период во кој Скопје живее во еден сосема различен ритам од денес и да се прикаже и илустративно. Да се оживее едно време преку текстот и прекрасните илустрации на Марко Јанев, навистина беше предизик и за мене како писател и за илустраторот Марко.

Да се претстави историјата на еден град во одреден период, треба многу познавање. Дали книгата го помина „филтерот“ на историчарите?

– Секако дека за време на пишување на книгата, постојано бев на терен истражувајќи. Моите истражувања траеја една година, потоа направив концепт и се пуштив на осмислување костур на книгата. Од голема помош ми беше и искуството стекнато работејќи во Македонската Телевизија – Скопска програма. За време на мојот ангажман како новинар, детално го проучив Градот и тоа ми претставуваше добра база на податоци кои ми беа од голема корист при пишување на книгата. Би изразила особена благодарност до Оливера Џартовска – Тачевска кустос етнолог вработена во Музејот на град Скопје која несебично ми помогна при проверка на сите историски факти споменати во книгата. Како рецензент на книгата се јавува историчарот Слободан Шошковски кој финално ги провери сите историски податоци пред да биде пуштена во печат.

Книгата е наменета за деца од 7 до 15 години, на кои навистина им треба додадена вредност за да им се задржи вниманието. Дали затоа книгата е направена да биде интерактивна?

– Да, книгата е интерактивна најмногу заради таа причина. Читањето како и се останато го гледам како развоен процес и секогаш му треба освежување што ќе го следи времето во кое живее. На овие деца сега особено им треба ангажман, игривост и вклученост за да им се задржи вниманието. Како репер го имав мојот син Иван и тој беше релевантен пример за тоа што и како сакаат децата. Најмногу од се ми е важно да им се допадне на децата, да е читана и откако ќе го помине тој филтер, нивниот, детскиот, најискрениот, јас ќе имам мотив за пишување на нови приказни на еден невообичаен начин.

Дали можеби книгата ќе има свои продолженија, односно ќе бида опфатени и други периоди од развојот на градот?

– Да, во план се уште две продолженија со кои би се заокружил серијалот „Скопје од А до Ш“. Второто продолжение ќе го опфати периодот на процут на Скопје, кога Скопје се развива и станува вистинска метропола, тоа го вклучува и она постземјотресно Скопје со сите импозантни градби од тоа време: Ристиќева Палата, Офицерски Дом, Театарот и многу други. Третото продолжение пак, ќе биде Водич за деца во модерно Скопје. Ваков водич недостасува на пазарот и треба да споменам дека сите овие изданија ќе бидат достапни и на англиски јазик. Тие ќе ја пополнат дупката за ваков материјал со кој би се претставиле на светот како земја со двеилјади годишна култура и традиција.

Кој дел од Скопје најмногу го сакате?

– Омилен дел од Скопје ми е Чаршијата, особено наутро кога се е тивко, спокојно и кога можеш на најдобар начин да ја вдишеш и почувствуваш. Чаршијата е место со душа, со приказна, секое камче е своја приказна. Таа е полна со емоции, со живот, со најразлични вкусови кои те враќаат во едно далечно минато кое се уште пулсира преку неа. Таа е место каде се мешаат културите во една симбиоза. Таа е толку различна, а сепак сплотена. Се во неа е љубовно, старите дуќанчиња, тесните сокаци, плочникот. Скопје не би било Скопје без неа. Таа е вистинско откритие и за туристите што доаѓаат во посета на нашата земја.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Не e точно дека подмочувањето е нормална работа за жените кои родиле

Редакција

Наставниот кадар во Словенија е достапен и отворен да помогне на студентот

Редакција

(ФОТО) Изумителот на домашниот крем од лешници „Леска“, Пеце почна со производство на чоколади

Редакција