еМагазин
Image default
Бизнис

(Фото) Азески им додели голема плакета на Вучиќ, Рама, Заев и Ковачевски за иницијативата „Отворен Балкан“

Прв пат во својата едно вековна традиција на постоење Стопанската комора доделува награда за личности кои најмногу допринеле за регионална бизнис интеграција, изразувајќи на тој начин длабока почит кон креирањето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, информираат од Стопанската комора.

„Досега имало повеќе иницијативи за натамошен регионален развој на овие простори, но завршиле неуспешно. Сите тие се надворешни иницијативи. Отворен Балкан е концепт кој е подржан токму од внатре, од политичките лидери во земјите кои се дел од процесот, но уште повеќе од компаниите кои имаат нужна потреба за поблиска соработка, поврзување, заеднички настап на трети пазари, како интра-регионален процес од кој економски бенефит ќе има целиот регион.

Искрените заложби на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија, Еди Рама, поранешниот премиер на Република Македонија со мандат 2017 – 2021 година, Зоран Заев, актуелниот премиер Димитар Ковачевски, кој ги продолжи заложбите за натамошно развивање и креирање на Иницијативата за единствен пазар преку создавање економска зона која дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне врските меѓу народите и бизнисите, е препознаена и наградена од Стопанската комора и заслужува највисока почит,“ вели Бранко Азески, претседател на Стопанска комора.

Наградата се доделува за особен придонес кон креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива насловена како „Отворен Балкан“, која има за цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, преку имплементирање на четирите слободи (слобода за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот).

Наградата опфаќа Голема плакета во чест на одбележување на 100 години од формирањето на Стопанската комора.

„Александар Вучиќ, претседател на Република Србија по втор пат добива високо признание од Комората. Тој е човекот кој на 29 јули 2021 година доби награда од Стопанската комора за помошта што ни ја пружи кога ни беше најпотребна за вакцинацијата на бизнис заедницата не само кај нас, туку и во регионот.

Вучиќ е претседател кој не само што на зборови, туку и на дела ги реализира регионалните проекти како основ за подобар бизнис амбиент во целиот регион. Да изградиш автопат кон Македонија, да модернизираш пруга кон Македонија, да градиш автопат за Црна Гора и уште два за Босна и Херцеговина и уште еден за Бугарија е пример без преседан на балканските простори и пример кој мора да биде награден.

Премиерот на Република Албанија, Еди Рама, е човекот кој е најголемо изненадување во бизнис круговите. По вокација уметник, по разбирање на бизнисот достоен имплементатор на бизнис логиката и уште регионален лидер е исто така дело за респект и почит.

Изградбата на инфраструктурни објекти (автопатишта, централи, хотелски капацитети, ланци на маркети), може да се нарече само уметност на бизнисот кој Рама добро знае дека е единствено врзно ткиво на Балканот и гаранција за нов напредок.

Зоран Заев во својот мандат како претседател на Владата покренувајќи процеси од големо значење за нашата држава совршено добро разбра дека македонската економија без регионална димензија нема шанси за успех. Со тоа ги отвори видиците на нашите компании надвор од границите на државата, а пред се во соседните земји и остави аманет до сите нас, тој пристап да продолжи и понатака нормално водејќи сметка и за интересите на сопствената држава.

Тоа негово дело го продолжува и актуелниот премиер Димитар Ковачевски, кој совршено ја продолжи регионалната иницијатива како голема шанса за нашата мала земја и со тоа уште еднаш се потврди тезата дека двајца бизнисмени на чело на Владата едноподруго е ретка но значајна работа,“ додава Азески.

Во соопштението се потенцира дека Стопанската комора е најголемата и најмоќна бизнис асоцијација во државата.

„Капацитетот и потенцијалот на Комората се огромни. Во своите редови ги има 10-те најпрофитабилни компании, 10-те најголеми извозници, 10-те најголеми производители и 10-те најуспешни бизнисмени. Коморите во светот опстанале 400 години, Стопанската комора – 100 години и тоа е најголема потврда за традицијата, моќта, визијата.

Бидејќи наградите не се само признание, тие се и поттик, ние како бизнисмени ги поттикнуваме да продолжат како досега затоа што бизнисот е тоа што води напред, се друго останува на историјата,“ потенцира Азески.

Фото: Стопанска комора

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новиот сопственик на „Сковин“ ќе добие згради, земјиште, возила…

Редакција

Поскапува бензинот БС-95

Редакција

Бројот на претставки решени во корист на осигуреници зголемен за 83%, велат од Агенција за супервизија на осигурување

Редакција