Во екот на туристичката сезона во Охрид и оваа година се оддржува шесто издание на Beach Film Festival од 19 до 23. јули 2023 година. Овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, мастер класови и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: Плажа Славија, Плажа Сараиште, Брод Армада и Младински Центар Охрид.
Годинава публиката ќе има можност да погледне осум долгометражни играни филмови, 16 краткометражни, девет студентски, пет француски (земја во фокус Франција), и четири специјални проекции.
Фестивалот се отвора со краткометражниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска и долгометражниот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, а ќе се затвори со словенечкиот филм „Нешто слатко“.
Филмска екипа од филмовите, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Елеонора Венинова, Гоце Кралевски, Александра Карделевска, ќе ги претстават своите филмови пред охридската публика.
Beach Film Festival секоја година расте, не само квантитативно со бројот на филмови, кои се прикажуваат, но и квалитативно со изборот на европски филмови, кои смело ја опишуваат моменталната состојба на светот, современите проблеми, миграциите, правата на жените, итн..
Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика, која го одбира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот.
И оваа година, по трет пат, фестивалот е поддржан и од Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge, EFC), кој е достапен за повеќе од 100 милионска публика во 12 држави од Европа вклучувајќи ја и Македонија.
Европскиот филмски предизвик низ годините развива и поврзува мала, но значителна заедница, на љубители на европскиот филм и инди киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.
Во моментов е активен предизвикот за Венеција, кој победникот ќе го однесе на филмскиот фестивал во Венеција (Biennale Cinema 2023), а правилата за учество се исти: во тек на 10 недели, од 19 јуни до 27 август 2023 година, да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во кино сали, телевизија или на легални VOD платформи, за што се добиваат различен број на поени.
Овогодинешниот Beach Film Festival, на публиката, за секој изгледан долгометражен филм од програмата ѝ носи дополнителни 40 поени, а со тоа и поголеми шанси за победа.
„За Европскиот филмски предизвик Beach Film Festival е од големо значење како културен настан во државата, бидејќи привлекува млада публика (18-35 години), која е исклучително тешко во денешно време да ја анимираш и ангажираш да гледа европски кинематографски остварувања, кога на сите платформи се промовираат сензационалистички холивудски филмови.
Поттикнувајќи ја филмската писменост, промовирајќи европски аудиовизуелни дела и фестивалите, EFC служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни.
Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер или едноставно поединец, кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, Европскиот филмски предизвик дава исклучителна можност да започнете филмско патување,“ велат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, кој го реализира проектот.
Промотивна објава