Министерството за здравство информира дека е негативен на корона вирусот (Ковид-19) резултатот на бебето родено на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје од мајка позитивна на вирусот.
„Пациентката позитивна на вирусот роди живо машко новороденче кое е недоносено и се наоѓа на интезнивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство.
На 31 март, неговата мајка поради отежнато дишење со намалена сатурација, беше веднаш префрлена и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, од каде информираат дека нејзината состојба е стабилна.
Родилката од Куманово е на возраст од 27 години. Таа беше спроведена и породена во изолација, заради фактот што истата како суспектна на Ковид-19 и упатна дијагноза која укажува на намалената плодова вода била најавена и испратена на Клиниката преку својот матичен лекар.
При приемот, на пациентката освен комплетната лабораторија, веднаш и е земен брис за Ковид- 19“, соопшти Министерството.
Оттаму додаваат дека на Клиниката за гинекологија и акушерство со пациентката е постапено по сите протоколи за прием на суспектен или заразен пациент како во однос на нега и третман, така и во однос на адекватна заштита на персоналот и изолација на пациентот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се породи заболена жена со коронавирус од Куманово
Починатата родилка од Охрид и починатиот маж од Битола не биле заразени од корона вирусот
(Фото) Мобилната болница до Инфективната клиника е готова, еве како изгледа