еМагазин
Image default
Бизнис

Потпишан Договорот за изградба на интерконекторот за пренос на природен гас Грција-Македонија

Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, денеска во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на  Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.

Со потпишувањето на овој Договор се гарантира намерата на Владите на двете земји да ја прошират постоечката соработка во енергетскиот сектор, со цел да ја зајакнат соработката во секторот за гас преку промовирање на интерконекцијата на нивните гасни системи.

Изградбата на интерконекторот има за цел да ги зајакне односите помеѓу Македонија, Грција и Европската Унија, да ја олесни трговијата со природен гас помеѓу двете земји, како и да овозможи и понатамошен развој на мрежата за пренос на гас на Македонија.

Една од главните предности од изградбата на интерконекторот е подобрување на сигурноста во снабдувањето и ликвидноста на пазарот на гас во Македонија и снабдување со гас од Јужен коридор.

„Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава и тоа ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето со природен гас, а секако и во стабилноста во снабдувањето со природен гас.

Ова е многу важно не само за односите меѓу двете држави кои секојдневно се подобруваат, ова е важно посебно за економијата во нашата држава имајќи во предвид дека ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, ќе бидат намалени цените во делот на природниот гас, а секако ќе ни даде и дополнителна можност за тоа да го продолжиме и кај нашите северни соседи како што се Република Косово и Република Србија,“ изјави Бектеши.

Министерот за животна средина и енергија на Грција, Костас Скрекас изјави дека изградбата на гасоводот за природен гас ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија.

„На овој начин постигнуваме две работи. Прво, ја надградуваме геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дека уште повеќе ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија и од друга страна на нашиот северен сосед му даваме можност да може да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено, да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија и така, ова да придонесе и во општата европска визија, Европа да биде прв, климатски неутрален континент до 2050.

Ова е важен договор, ќе се создадат илјадници работни места за време на изградбата. Околу 110 милиони евра ќе чини изградбата на овој важен проект, што ќе ги обедини двата системи за природен гас на двете држави и секако, откако ќе почне со работа, овој гасовод многу ќе помогне во дополнителниот развој на нашите економии“, изјави Скрекас.

Вкупната вредност на овој проект изнесува околу 100 милиони евра. Од овие средства инвестицијата на Македонија изнесува 54 милиони евра.

Во наредниот период следи потпишување на Договор за соработка помеѓу „Национални енергетски ресурси“ АД Скопје и Грчкиот национален оператор на гас ДЕСФА со којшто двете страни ќе гарантираат за изградбата на интерконекторот помеѓу двете држави.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Општина Кичево склучи договор со фирма од Косово вреден 805 илјади евра

Редакција

ЕДС го доби тендерот на МЕПСО за набавка на струја вреден 425.000 евра

Редакција

Нова Уредба: Договорните услови на кредитите ќе се менуваат 90 дена по вонредната состојба

Редакција