Според новиот Закон за урбанистичко планирање штетите што би настанале од суспендирањето на планот и отстранувањето на недостатоците на урбанистичкиот план ќе ги сноси Општина Центар, информираше денеска на седницата на Советот на Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ.
– Ако се тргне во постапка за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект може да се соочиме со штета, нагласи Богдановиќ.
Одлуката за суспензија со новиот закон, како што информира тој, сега е префрлена на Советот на Општина Центар.
– Иако немаме методологија за елаборатите, ние ги изработивме, ги наведовме нашите укажувања за недостатоци. За да се испорачаат елаборатите за мислење од страна на Министерството за транспорт и врски, за да се донесе конечна одлука за супсензија треба да се добие мислење од Министерството за транспорт и врски, кои ја немаат допрецизирано методологијата, рече Богдановиќ.
Советничката Јана Белчева Андреевска нагласи дека градоначалникот веќе некое време се обидува да се оправда.
– Сето ова одлговлекување на неиспраќање на елаборатите кои се веќе изготвени и се изготвени подолго време од стручните служби практично се искористило за купување време, малку за замајување на јавноста за да дојде до одобрување на проектот, да се овозможи чист терен за издавање дозвола за градба, рече Белчева Андреевска.
Таа укажа дека според членот 9 од Законот за урбанистичко планирање стои дека штети можат да настанат и од суспендирање на планот, но постојат и штети од неотстранување на недостатоците на урбанистички план.
– Тие штети можеби не можат да се измерат во милиони евра, ама се загрозен квалитет на живеење на граѓаните, загрозено здравје и една поразителна немоќ и порака дека битката е изгубена и дека секогаш во урбанизмот можат да победат насилните и алчните, рече Белчева Андреевска.
Седницата на Советот на Општина Центар беше прекината, откако претседателката на Советот констатираше дека по последната 16 точка на дневен ред (Информација за постапување по заклучок донесен од Советот на Општина Центар на 17 декември 2020 година) не можат да донесат ниту препорака, ниту заклучок.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Фејсбук/Богдановиќ