еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Божиќна порака на г.г. Стефан: Сите неприлики на современото човештво доаѓаат од моралната криза

Православните верници утре (7 јануари) ќе го прослават Божик, раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божиќна порака.

„Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес се случила најголемата тајна на нашата побожност – предвечниот Бог „стана човек заради човекот“ и „ се вочовечи за човекот да се обожи“.

Синот Божји, како што било претскажано, се роди во Витлеем: од ангелите беше објавен со песна за мир и добра волја меѓу луѓето, пастирите Му се поклонија, а мудреците Го даруваа. Затоа, секој Божик нè потсетува дека не сме сами и оставени и нè повикува со мислите да се пренесеме во Витлеем за да Му се поклониме на Богомладенецот, за да Му се приближиме на Бога за и Тој да ни биде близок и преку верата да се насели во нашите срца.

Само доколку сме богољубиви и човекољубиви и доколку живееме по евангелските начела – секој ден ќе ни наликува на Божик и само така ќе имаме мир во себе и добра волја кон сите луѓе. Смислата на Божикното прославување е во радосната вест дека Бог од љубов се родил како човек во Личноста на Господ Исус Христос, за човековиот род и сите созданија благодатно да ги овековечи во Својата Црква.

Затоа постојано да Му благодариме на Бога преку верата, љубовта и надежта, со молитви и со добри дела, знаејќи дека само со Божја помош можеме да ги надминеме сите тешкотии и сите искушенија.

На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение.

И ако годинашниов Божик го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на Синот Божји дека Тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека Божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за Бога.

Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, како и на сите луѓе со добра волја, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!,“ стои во божиќната порака на г.г. Стефан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Значењето на Бадник: Првите гласници на празникот се децата коледари, известувачи за Божиќ

Божиќен расказ за Христовото раѓање: Смислата на празникот е спротивно на се што правиме

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Ковачевски се надвикуваше со пратениците, свирежи за време на неговото обраќање: „Силно верувам во исправноста на предлогот“

Редакција

Едно починато лице од Ковид-19 во последните три дена, дополнително пријавени уште двајца

Редакција

Бронхопулмонална дисплазија кај деца

Редакција