„Грин Машинс“, брендот на возила за одржување хигиена на надворешни површини на велешки „Брако“, поставува нови стандарди кога се во прашање иновативните производствени решенија. Тие одговараат на зголемената потреба од нови методи во областа на чистење на надворешните површини, информираат од Брако.
„Грин Машинс” од Велес, деновиве на водечкиот саем од областа на еколошки технологии, ИФАТ, кој што се одржува во Минхен, Германија, гордо ги претставува своите технолошки-иновативни решенија, застапувајќи ја еколошката програма на иднината за нула штетни емисии во воздухот, здрава и чиста животна средина.
„Саемот ИФАТ во Минхен е најголемиот светски саем за еколошки технологии каде што најдобрите компании од целиот свет доаѓаат да ги претстават своите најнови достигнувања. Затоа за нас е големо задоволство и успех што сме присутни тука со нашите возила за чистење.
Во последните две години ’Брако’ вложи многу во развој на овие возила и како резултат на тоа денес имаме целосно еколошки штанд каде што претставуваме четири возила, од кои три се електрични, а едно на погон со хидроген и како такво се уште е единствено на пазарот и во таа смисла сме светски лидери во овој сегмент.
Интересот за нашите возила на саемот е голем и засега имаме одличен одѕив од пазарот што е уште една потврда дека сме во чекор со светската конкуренција, а во многу сегменти, како што е на пример водородот, сме и чекор напред.
На саемот со нас се присутни и претставници од ќерките фирми на „Грин Машинс“ од Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Германија и Холандија преку кои „Грин Машинс“ е застапуван и продаван во целиот свет“, вели Ангел Анѓушев, технички директор на „Грин Машинс“.
На својот штанд од 80 метри квадратни „Грин Машинс” ги претставува своите четири најнови модели на возила од кои три се електрични, а едно е на погон на водород, кое е единствено на пазарот во светски рамки.