еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Цените на становите пораснале за 6,1%, во ЕУ просекот на раст е 8,3%

Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд, информираат од Народна банка.

Цените на становите во текот на 2021 година пораснаа за 6,1%, при што растот е позначителен од второто полугодие на годината. Стапката на раст на цената на становите во домашната економија е малку пониска од просекот за Европската Унија којшто изнесува 8,3%.

„Растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година.

Имено, поради пандемијата беа одложени дел од градежните работи, па се намали понудата на завршени станови во 2020 година, којашто веќе во 2021 година бележи раст.

Значителен раст бележи и бројот на издадени одобренија за градење, што упатува на натамошен раст на понудата и во следниот период, во услови кога бројот на непродадени станови исто така расте,“ велат од Народна банка.

И во 2021 година, се бележи солиден раст на станбените кредити, како еден од изворите за финансирање на трансакциите со недвижности, што придонесува за одржување на побарувачката на овој пазарен сегмент.

Станбените кредити во текот на 2021 година пораснаа за околу 14% во просек. Поволните услови на финансирање при ниски каматни стапки, како и пониската ризичност на станбените кредити (коишто се со најниска стапка на нефункционални кредити од 0,6%) се фактори што придонесуваат за раст на станбеното кредитирање на домаќинствата.

„Движењата на пазарот на недвижности засега не упатуваат на сериозно зголемување на ризиците за финансиската стабилност поврзани со овој сегмент, но потребно е внимателно следење.

Сепак, војната во Украина и неизвесноста што ја носи за домашната економска активност и инфлацијата се фактори на ризик што може да влијаат врз пазарот на недвижности во следниот период,“ велат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починаа 19 лица, најмладиот на 46-годишна возраст

Редакција

(ВИДЕО/ФОТО) Дали Хитлер побегнал со подморница во Аргентина, што открил ФБИ?

Редакција

Починаа пет лица од Ковид-19, вкупно до сега 5.413

Редакција