Централна кооперативна банка АД Скопје ја заврши 2019 година со нето-добивка од 9,8 милиони денари и успеа да оствари позитивен финансиски резултат за 6,9% повисок од планираниот за годината, соопшти банката преку Македонската берза.
„На 31 декември 2019 година, банката забележа раст на вкупната актива/пасива за 14,7% во однос на крајот од минатата година, при што поставениот план за 2019 година е надминат за 3,1%.
Порастот се должи на реализацијата на зацртаниот деловен план, во рамки на којшто беше предвидена и спроведена целосната реализација на првата емисија на конвертибилни обврзници на Централна кооперативна банка АД Скопје (март 2019 година), во вкупен износ од 5 милиони евра.
На страната на активата, оваа емисија, заедно со растот на депозитната база, доведоа до пораст на позицијата парични средства и парични еквиваленти за 34,9% во однос на претходната година. Поставениот план за оваа позиција е надминат за 28%.
Вишокот на ликвидна актива банката го насочи кон вложувањата во хартии од вредност, при што е забележан пораст од 60,6% во однос на крајот од годината и истите се за 2,8% повисоки од поставениот план за 2019 година“, информираат од банката.