За Обединета македонска дијаспора (ОМД), една од најактивните македонски организации во странство, најдобар избор за сите нас е масовно да се попишеме. Да докажеме дека не има во големи бројки, во и надвор од Македонија. Со бојкот, ние ќе се самоизбришеме од листата на народи, вели во интервјуто за МИА од Вашингтон, Мето Колоски, претседател на ОМД.
Имате ли сознанија какво е расположението за самопопишување на нашите иселеници во Северна Америка, Европа и Австралија?
-Попишување на дијаспората не е практика во светот за попис на население и тоа за нас е многу чудно. Во САД, Австралија и Канада, како и во многу земји во Европа, само оние надвор од државата, како воените лица или дипломатите, се попишуваат. Така што ова е чуден концепт за нас.
Македонските власти можат со голема точност да го одредат и бројот на македонски државјани надвор од земјата, бидејќи податоците за влез/излез на граничните премини, се лесно достапни и можат да се пресметаат. Во таа смисла, всушност секој граѓанин што отсуствува од Македонија повеќе од шест месеци технички е дијаспора и не смее да биде попишан како жител на Македонија.
Како што покажуваат и официјалните податоци, желбата за самопопишување во сите делови на дијаспората е мала.
Македонците не се попишуваат, бидејќи се длабоко разочарани од она што се случува во Македонија во последно време, посебно околу промената на уставното име, штетните договори со Грција и Бугарија како и општата нефункционалност на државата.
Згора на тоа, дијаспората е силно уверена дека овој попис има политички карактер – тоа се зборува на разни форуми и по социјални мрежи, кои јас редовни ги следам, се зборува за тоа дека пописот е наменет за прикажување на лажна слика за етничкиот карактер на Македонија, со што се настојува да се намали процентот на Македонците, а да се зголеми тој на Албанците и сите други. Значи, се забележува силна недоверба кај дијаспората во однос на пописот.
Според ова што го велите, излегува дека дијспората не е свесна за значајноста на пописот како статистичка операција, а гледа во неа политичка или партиска позадина. Дали иселениците од Северна Америка и другите континенти како Австралија треба поактивно да се попишуваат, со оглед на тоа што досегашната бројка на самопопишани е навистина мала?
-Пописот треба да биде статистичка, а не политичка операција. Да беше статистичка, немаше 20 години да чекаме за попис. Јасно е дека пописот се одржува како резултат на политички договор меѓу владејачките партии, а не поради други причини како на пример колку население имаме за да можеме да воведиме правилни мерки за здравјето, образованието, економијата, инфраструктурата, итн…
Има многу недостатоци во методологијата, спремноста, и временската рамка за пописот. На пример, ние сметаме дека изборот на бугарската компанија Scalefocus за изведувач на веб апликацијата е голем скандал. Наместо да и се умилкува на бугарската држава, Владата требаше да избере домашна компанија и на тој начин да им дадеше можност на локални кадри, нели Македонија има врвен ИТ сектор? Ова се пропусти.
За вас можеби изгледаат пропусти, но за Владата во Скопје се легитимни напори еднаш засекогаш да се затвори прашањето за попис и затоа дејствува, наместо да зборува како претходните влади.
-Да, но се прашувам зошто дијаспората има цели седум недели рок за електронско попишување, а во државата тој се изведува исклучиво теренски и рокот на попишување е само три недели, тоа е премалку време.
Посебно кога има пандемија, сите сме обземени со тоа, многу од нас не се вакцинарини, од друга страна, за луѓето внатре во државата попишувањето мора де биде лично и со тимови. Зошто таква дискрепанца?
Се загрозуваат животите на луѓето поради пандемијата, и на самите попишувачи, кои треба физички да бидат присутни, физички да ги достават материјалите до Заводот за статистика, а никој не е вакциниран. Кога можат Бугарија, Србија и Косово да ги одложат нивните статистички операции, зошто и ние не направивме така?
Сепак, ОМД констатира дека пописот е реалност што не можеме да ја промениме. Во вакви околности, наш најдобар избор е масовно да се самопопишеме за да докажеме дека не има во големи бројки, и во и надвор од Македонија. Со бојкот, ние ќе се самоизбришеме од листата на народи. Никој нема корист од тоа. Или не има, или ќе не нема.
Уште еднаш ќе потенцирам, теренски попис за време на пандемија, во ситуација каде државата нема обезбедено вакцини ниту за најранливите категории, е крајно неодговорна одлука. Ние очекуваме да има промени во процедурите за теренски попис или негово одлагање.
Во случај на неодлагање, треба да има строги протоколи за безбедност во смисла на носење маски, попишување на отворено на два метри оддалеченост, миење раце, итн. Државата исто така треба да ги покрие сите трошоци, медицински и други, ако се докаже дека некој се заразил за време на попишувањето. Самите службеници кои ќе го спроведуваат пописот на терен се ставаат во здравствена опасност доколку не се вакцинирани.
Како алтернатива, треба да се предложи систем преку кој граѓаните ќе можат сами да се попишат во побезбедни услови, на пример електронски од дома.
Инаку, освен една електронска порака од македонската Амбасада во Вашингтон, и повик од генералниот конзул од Њу Џерси, ОМД нема добиено повеќе информации за тоа како да се пополнат графите во пописот, и особено за луѓе кои се родени надвор од државата а стекнале македонско државјанставо, нема графа за тоа, и нема графа за деца на тие државјани.
За ова многумина ми се јавуваат и прашуваат дали и децата се сметаат, бидејќи се дел од домаќинството. Вакви непознаници верувам има и кај другите македонски организации и црковни општини. Сите информации што ги имаме, е тоа вие што го добивате преку државните органи и медиумите и ништо повеќе.
Н,о тоа не не чуди. За време на изборите во 2020 година, од државните институции или од дипломатските конзуларни претставништва немаше воопшто информации до македонските граѓани кои живеат надвор од државата за регистрирање за гласање.
Зошто некои луѓе, групи и партии сеуште го бојкотираат пописот и што сакаат да постигнат со тоа?
-За подетални информации треба да се обратите до нив.
Опозицијата се обиде во повеќе наврати да го одложи пописот, но безуспешно. Мислиме дека ако пописот се спроведе, опозициските партии треба да ги повикаат сите Македонци масовно да се попишат, притоа давајќи корисни совети за тоа како да се намали ризикот од заразување со Ковид-19 и за спречување пописни манипулации.
Сметам дека вниманието на јавноста се дефокусира на пописот. Иако постојат други клучни предизвици за државата. Општеството во Македонија е под голем притисок, поради пандемијата, како и лошата економска слика – многу е неодговорно да се форсираат нешта кои нема да донесат вистински придонес во краток рок.
Справување со пандемијата, вакцинација на населението и воведување економски мерки за поддршка се приоритет. Нам однадвор ни се гледа дека со пописот се дефокусира вниманието на народот од клучните системски проблеми на државата и се става акцент на пописот на дијаспората.
Како ОМД се ангажира во убедување на иселениците да се самопопишат? Дали повиците да не се бојкотира пописот се успешни?
-ОМД излегува со соопштенија на својата веб страница и по социјалните мрежи и праќа електронски пораки кон своите членови. Одборот на ОМД и нашите долгорочни членови се активни на социјалните мрежи и објавуваат содржини за поддршка во самопопишувањето. Исто така, нудиме бесплатна помош за нашите иселеници кои имаат потешкотии во пријавувањето, преку упатства, видеа и лична помош.
Засега, нашите активности се само делумно успешни. Стравуваме дека кампањата за бојкот, како и немањето поддршка од главните политички субјекти во Македонија, го подрива нашиот капацитет за драматично зголемување на бројот на попишани Македонци.
Поимот дијаспора е поопширен и не се однесува само на тие со македонско државјанство. ОМД ги претставува интересите на Македонците од сите краеви на географска Македонија, не само од Република Македонија. Македонската дијаспора опфаќа прва, втора, трета се до шеста генерација со потекло од географска Македонија.
Дали сметате дека досега постигнатата бројка од околу 150.000 самопопишани во дијаспората сепак мала, и колку очекувате таа да се зголеми?
-Бројката секако е мала ако се земат во превид изјавите и претпоставките дека од 650.000 до 850.000 државјани се имаат иселено од државата во изминатите две децении.
Од тие 150.000 пријави, сепак нема доволно информација колку се Македонци, колку Албанци, колку други етнички заедници. Не знам колку има простор за зголемување на таа бројка, со оглед на тоа дека најдобри резултати има во државите каде се шпекулира дека се со претежно албанска дијаспора (Швајцарија, Германија, Италија, Австрија).
Крајниот исход, и во бруто бројки и во етничка распределба, ќе зависи од тоа дали Македонците ќе се попишат. Ако се попишат, тогаш треба да се очекува барем 2 до 3 пати поголем број од досегашниот. Ако Македонците не се попишат, бројката од 250.000 – 300.000 изгледа како реален краен резултат.
Она што е јасно е дека Албанците од Македонија сериозно ја разбираат важноста на пописот и активно се пријавуваат. Нивните лидери како (министерот за надворешни работи Бујар) Османи и (вицепремиерот Артан) Груби патуваат низ Европа како да нема Ковид-19 и се среќаваат со нивната дијаспора, а не со Македонците и другите етнички групи од Македонија.
Информациите што ги добиваме за тие двајца министри само покажува колкава е одвоеноста на оваа власт од македонската дијаспора. Сите информации што вие ги добивате за нивните активности по европските метрополи ги добиваме и ние, и се прашуваме дали се тие министри на Албанија, Косово или се на Македонија. Вмешаноста на премиерот на Албанија и Косово во пописот на население на суверена Македонија е доста загрижувачки.
За жал, целата процедура изгледа избрзана, форсирана во време на пандемија. Уште еднаш потенцирам: многу земји на Балканот го одложија нивниот попис токму поради ситуацијата со вакцинација. Рокот од три недели за попис на населението и домаќинствата е многу мал, од друга страна дијаспората има седум недели рок – чудно, а зборуваме за попис на населението и домаќинствата.
Со оглед на тоа дека во САД се одржа попис на населението и домаќинствата во 2020 година (започна на 1 април, заврши во декември 2020 година), кога пандемијата беше најсилна, можете да ја наведете разликата на пописот меѓу САД 2020 година и Северна Македонија 2021 година? Колку се во право а колку грешат критичарите кои велат дека пописот нема да биде успешен поради тоа што се одржува во време на пандемија? Пописот во САД е успешен, за првпат се одржа електронски и преку телефон, а претходно се одржувал само писмено по пошта и лично.
-Секако дека може да се спроведе попис за време на пандемија, како што е примерот со САД. Пописот овде беше целосно електронски за 332 милиони луѓе. Но тоа може да се направи само со сериозна претходна подготовка и добра волја меѓу граѓаните. САД го планираа нивниот попис десет години наназад, Австралија и Канада имаат на секои пет години.
Ако може електронски попис на дијаспората, може и за домашното население. Се друго е изговор.
МИА/Фото: МИА