еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Дали македонските приредувачи на игри на среќа ќе доживеат сценарио како во Албанија?

Дали борбата против коцкањето е само параван за преземање на бизнисот со игри на среќа, прашуваат инволвираните во овој бизнис.

Имено, ДУИ предложи измени на Законот за игри на среќа според кои обложувалниците, автомат клубовите и казината ќе мора да бидат оддалечени најмалку 500 метри од градинките и училиштата.

Законското решение се уште не е финализирано, на него се работи речиси една година, а власта не открива никакви детали.

На неодамнешно новинарско прашање за Законот за игри на среќа, премиерот Зоран Заев рече дека дебатата е отворена во Владата.

„Она кое што го гледаме како искуство од Албанија е дека и со ваквите радикални мерки, тие што се коцкаат, не престанале да се коцкаат, а 5-6 илјади граѓани работат во обложувалници, казина и слично.

Но, дебатата е сериозно отворена од граѓаните, поради тоа што таа дебата предизвикува внимание прво за нашите деца и близината на училиштата. Но, што со оние квартови во Скопје, во Тетово, во Струмица, Куманово, во Битола, било каде, каде што во колективни згради живеат најмногу млади брачни парови, и има многу деца?

И тие се оддалечени од училиштата, но овде пред зградата е отворено казино. Дали тоа го решава проблемот?!?  Така што, ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе носиме одлука. Секако ќе ги донесеме. Вака не можеме да останеме, и кога ќе ги донесеме после сите овие дебати и стручни анализи кои ќе ги имаме, веднаш ќе ги соопштиме на јавноста, ќе го дадеме нацртот, ќе го објавиме, ќе ја отвориме јавната дебата за да конечно слушнеме и фид-бек од граѓаните за конечните ставови за Законот за игри на среќа“, изјави тогаш Заев.

Дебатата кај нас се случува само еден месец откако во Албанија беше донесено радикално решение со кое целосно се забрани постоењето на автомат клубови, обложувалници и казина со што беше ставен клуч на врата на над 4.300 објекти.

Сепак, оваа земја дозволува коцкање на интернет, а тамошните медиуми пишуваат дека целата операција била направена за овој бизнис да го преземе компанијата „Баст арена“ која е единствена во Албанија што има лиценца за приредување игри на среќа на интернет.

Законот за игри на среќа ѝ дозволува на Државната лотарија на Албанија да ангажира друг организатор за игри на среќа на интернет, а уште од 2015 година 30-годишната концесија за надзор над приредувањето игри на среќа, албанската влада ѝ ја даде на приватната компанија „МЦ нетворкинг“, која е во сопственост на Ендри Мекси, наводно деловен партнер на братот на Еди Рама, Олси Рама.

Истовремено со затворањето на автомат клубовите, обложувалниците и казината во Албанија, во земјава почнаа да се организираат протести против нив и тоа засега единствено во места претежно населени со етнички Албанци. По ова ДУИ излезе со предлог законот кој би значел затворање на стотици вакви објекти низ земјава.

Во бизнис круговите веќе се шпекулира дека истите луѓе кои го преземаа овој бизнис во Албанија сакаат да се прошират и во Македонија.

Оваа индустрија значително придонесува за полнењето на државниот буџет.

Во 2016-та само од добивките исплатени во спортските обложувалници и автомат клубовите државата инкасирала 38 милиони евра, а оваа сума дополнително ќе расте со оглед на тоа што стапката од 1 јануари 2019-та беше зголемена од 10 на 15 проценти.

Овој сектор вработува и неколку илјади луѓе, а во моментов тој брои помеѓу 6.000 и 7.000 граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Атина за Солун тргна првиот патнички воз, 34 дена по железничката несреќа

Редакција

(Видео) Ѕирнете во новиот изложбен салон на „Алумил“

Редакција

Доктор Лазаров: „Ниту може рано да дијагностицираме, ниту пак да изолираме, со тоа свесно и намерно се пушта цел народ низ вода“

Редакција