еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Дамева поднела тужба до Управниот суд за нејзино разрешување од Судскиот совет и кривична за ОЈО Скопје

Поранешната претседателка на Судски совет Весна Дамева поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет.

-Имајќи ја во предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон, изјави Дамева за МИА.

Дамева, како што изјави, поднела и кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област.

-Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ, вели Дамева.

Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на функцијата претседател на Судскиот совет и интегритетот на оние кои ја сочинуваат институцијата.

-Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано, вели Дамева.

Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред.

Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет сега ја извршува Сашко Георгиев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каков имот пријавил Сашко Георгиев, новиот претседател на Судскиот совет

Каков имот пријавила Весна Дамева, претседателката на Судскиот совет, која е разрешена

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

РЕК Осломеј вратен на мрежа

Редакција

Дизелот поевтинува за два денари, цените на бензините остануваат исти

Редакција

Ако САД забрани увоз на руска нафта, следат нови рекордни цени и инфлациски шок

Редакција