Претседателството на Демократскиот сојуз (ДС) на вчера одржаната седница донесе одлука на претстојните локални избори да настапи заедно со СДСМ, соопштија од партијата.
Демократскиот сојуз, како што се посочува, подолго време се подготвува за учество на изборите при што врз основа на темелни анализи, сондажа на јавното мислење и изборните правила, како и програмските определби, одлучи да ја продолжи соработката со СДСМ.
Еден од главните мотиви е заштитата на националните и стратешките интереси на централно и локално ниво, како и имплементација на европските вредности. Цврсто сме убедени дека приоритетите на ДС за развој на општините ќе бидат дел од заедничката изборна програма и ќе бидат реализирани од новите градоначалници и совети на општините и градот Скопје, информираат од партијата.
Потенцираат дека борбата против урбаната мафија и загадувачите на воздух, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, донесување на детални урбанистички планови, формирање урбана полиција, средување на сообраќајниот хаос, изградба на катни гаражи, итн., се само дел од приоритетите.
-Демократскиот сојуз е за отворање перспективи за младите, за европска Македонија и силно се спротивставува на тие што со деструкција и екстремизам се обидуват да печалат политички поени. Демократскиот сојуз е за фер и демократски избори, но и за коренити промени на изборните правила. Честит Денот на независноста и да е вечна Македонија!, стои во соопштението.
Фото: Демократски сојуз