еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Дерик Меј и најдобрите македонски диџеи ќе настапат на плажата „Дупени“ во чест на 120 години од Илинденското востание

Дерик Меј и најдобрите македонски диџеи ќе ја наелектризираат плажата „Дупени“ во чест на 120 години од Илинденското востание

Станува збор за проектот „120 години Илинден” каде главни протагонисти се легендарниот диџеј Дерик Меј и најдобрите артисти од Македонија.

Настанот ќе се одржи на 2 Август на плажата „Дупени“ на Преспанското езеро каде пред неколку илјадната публика ќе биде претставено комплетно различно музичко доживување во уникатниот летен амбиент и неповторлива атмосфера во продукција на Баланс.

На неколку денови пред овој настан, во Битола вчера се појави лично Дерик Меј на прес конференција во битолското култно кафуле Јагода.

„Навистина е радосно да се знае дека мојата музика допре до толку многу луѓе, не само во Детроит, мојот роден град, туку и во Македонија и други делови од светот. Техно музиката, отсекогаш била за кршење на границите и поврзување на луѓето.

Сведочењето на глобалното влијание на мојата музика ја потврдува универзалноста на техното и неговата способност да ги спои различните култури на подиумот. Се чувствувам неверојатно благодарен за поддршката и љубовта од моите фанови ширум светот,“ истакна Меј на средбата со новинарите.

По потекло од родното место на техното, Детроит, Мичиген, САД, а придонесот на Дерик Меј во светот на музиката не се ништо помалку од револуционерни. Како еден од основачите на техно движењето во Детроит, тој го обликуваше текот на електронската музика, кревајќи ја до нови височини и воодушевувајќи ја публиката ширум светот со неговиот препознатлив звук.

Од андерграунд клубовите во Детроит до меѓународните сцени, неговите настапи резонираа со безброј обожаватели, премостувајќи ги културните празнини и обединувајќи ги луѓето преку универзалниот јазик на музиката.

На прес конференцијата, Дерик Меј се потсети на неговото прво доаѓање во Македонија пред точно 23 години, непосредно по осамостојувањето, по покана на македонскиот диџеј Огнен Узуновски.

„Од денешна дистанца, можам да кажам дека беше храброст да се дојде тогаш на Балканот, во Македонија. Имаше воен конфликт, со мене во авионот се сеќавам се возеа војници, а на царинска контрола не можеа да разберат зошто доаѓам со куфери полни со плочи.

Но, таа средба со Македонија и неколкумина личности меѓу кои е Огнен, беше клучна да се вљубам во земјата која ми покажа силно гостопримство. Бев воодушевен од енергичната култура, богатата историја и вистинската страст за музиката што ја почувствував за време на таа посета.

Енергијата на фановите беше заразна, а линкот што го направивме на таа прва историска журка во Градиште, беше неспоредлива. Тоа искуство ми го продлабочи мојот став дека нема мала или голема земја, кога станува збор за техно музиката. Ми ги отвори очите за моќта на музиката на една нација која и во време на конфликт и воена криза сака да биде дел од светот.

Од таа посета, секогаш со нетрпение очекував да се вратам во оваа прекрасна земја и да ја споделам мојата страст кон она што го правам,“ додаде Меј.

На прес конференцијата, организаторот Balance ги најави и македонските диџеи: Браќата Узун, Стојче, диџеј Маци, Томи Бојаџи, Дејан Декс, Фирма како и Монго и Омару, кои на 2 Август ќе бидат во Преспа.

„2 Август – Илиден е датумот кој го поврзува и американскиот DJ Дерик Меј со Македонија, бидејќи во 2014 година, во рамките на проектот „Musica Universalis“ и во продукција на „Баланс“ настапи во Античкиот Тетар во Охрид заедно со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Џијан Емин.

Подоцна се реализираа повеќе концерти во Гент, Париз, Ница, Детроит, Мец, Мелбурн. Во 2016та година проектот беше дел од фестивалот 9ет во Белград, кога настапуваа Хуан Аткинс заедно со Белградската Филхармонија, а во 2019 проектот за прв пат беше претставен и во Лондон.

Македонија е подготвена уште еднаш да биде сведок на извонредна фузија на историјата, музиката и културата за овој историски празник.

Концертот ќе биде одржан во несекојдневен сценски простор, покрај Преспанското крајбрежје кое ќе придонесе за една друга димензија на проектот. 2 Август е денот кога музиката и историјата ќе се спојат, а и ќе прославиме 23 години од првата забава на Balance и 120 години Илинден, денот кога борбата за самостојност почна да се оформува во независна и самостојна држава,“ истакна Сашо Узуновски, еден од организаторите на овој настан.

Инаку, во придружба на Меј деновиве е и продукција а екипа која подготвува филм со работен наслов „Скопски Баланс“ посветен на 23 години од работата на оваа промотерска куќа, филм во кој Меј ќе има значајна улога.

Фото: Кети Талевска Бакревска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 по скопските општини

Редакција

Да помогнеме: „Хак бус“организира бесплатен повратен превоз до Албанија до 1 декември

Редакција

Убава вест: Нема починати од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Редакција