еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Детален преглед: Што пишува во изборната програма на Стево Пендаровски?

еМагазин во серијал Ви ги преставува изборните програми на тројцата кандидати за претседател на државата.

Програмата на кандидатот за претседател Стево Пендаровски се состои од шест столбови и осум најважни проекти во првите осум месеци од мандатот.

Шесте столбови на кои е базирана изборната програма се: претседателот обединува, безбедна иднина, лицето на државата, соседите, стратешка цел, демократска и правна држава и национална безбедност.

Во првиот столб, Пендаровски меѓудругото ветува безрезервно почитување и спроведување на Уставот и законите, активна координација и поттикнување на политичкиот и општествениот дијалог, поттикнување и предлагање на решенија за проблемите коишто ќе ги надминуваат партиските поделби, целосна посветеност на интеграцијата на нашата држава во Европската Унија и довршување на процесите коишто ни преостануваат пред нашето скорешно членство во НАТО, поддршка на работата на Парламентот и Владата секогаш кога нивните одлуки се во интерес на граѓаните, но и критика на нивната работа и користење на сите уставни и законски овластувања кога ќе смета дека тие одлуки се противуставни или противзаконски или не придонесуваат во остварувањето на нашите стратешки определби и заштита на нашите национални интереси.

Во вториот столб, ветува активна политика за градење стратешки партнерства со сите држави членки на НАТО и на Европската Унија и со водечките личности во институциите на ЕУ и во НАТО, поставување цели и задачи и следење на работата на нашите амбасадори и други дипломатски претставници во државите членки на НАТО и ЕУ, во соработка со Владата и Министерството за надворешни работи, во остварувањето на оваа цел, водење на политика за континуирано модернизирање и обучување на нашата армија во соработка со собранието, со Владата и со Министерството за одбрана.

Исто така се обврзува на активно предлагање на мерки и политики за интензивирање на економската соработка со нашите партнери од ЕУ и НАТО како најважна придобивка за нашите граѓани од нашето членство во НАТО и преговорите за членство во ЕУ.

Во третиот столб, Пендаровски ветува редовни заеднички планирања на надворешно-политичките одлуки со Владата, но и со експертската, со академската и со бизнис-заедницата. Доследно спроведување на прецизни и високи критериуми за избор на амбасадори, шефови на мисии и други дипломатски претставници на Република Северна Македонија во странство.

Редовното пополнување на испразнетите амбасадорски места и испразнетите места на другите дипломатски претставници во нашата дипломатска мрежа.

Активно учество во планирањето за преструктурирање на мрежата на нашите дипломатски претставништва во странство, како и активно учество во работата на меѓународните организации.

Во четвртиот столб се обврзува дека нашата држава ќе биде пријател, а не непријател со своите соседи. “Мојата цел е заедно со граѓаните да ја направиме нашата држава лидер на Балканот, стабилна држава, признаена и почитувана од своите соседи и од сите држави во светот“, пишува во програмата.

Во петиот столб ветува потпишување на указите за прогласување на сите закони коишто се во согласност со Уставот и во интерес на граѓаните. “Но, секогаш кога ќе сметам дека некој закон е неуставен или штетен за граѓаните, ќе го вратам на повторно разгледување во Собранието“, пишува во програмата.

Тој најавува дека за судии на Уставниот суд и за членови на Судскиот совет ќе предлага лица со неспорен професионален и морален кредибилитет.

„Мојот предлог ќе го оформам во консултации со стручната јавност и граѓанскиот сектор, а особено со граѓанските организации со голем кредибилитет и искуство во заштитата на човековите права и функционирањето на правната држава.

Правото на помилување на осудени лица или ослободување од гонење ќе го користам исклучиво во рамките на целите коишто се наведени во законот. Секоја моја одлука за помилување на осудено лице или ослободување од гонење ќе има аргументирано образложение со наведување на сите легитимни причини за таквата одлука.

Комисијата за помилување, којашто ја формирам врз основа на законот, ќе биде составена од членови со неспорен професионален и морален кредибилитет, а нејзините членови ќе ги именувам во консултации со стручната јавност и граѓанскиот сектор, а особено со граѓанските организации со голем кредибилитет и искуство во заштитата на човековите права и функционирањето на правната држава во целосно транспарентна постапка“, пишува во програмата.

Во шестиот столб се вели дека приоритет во извршувањето на функцијата врховен командант ќе биде модернизацијата на армијата, обучувањето на нејзините припадници, согласно со стандардите на НАТО и грижата за социјалниот стандард на припадниците на армијата.

„Именувањето на началникот на генералштабот и генералите ќе биде единствено врз основа на нивните професионални достигнувања и личен интегритет.

Активно ќе учествувам во реформата на безбедносниот систем на државата, согласно со највисоките стандарди на развиените демократски држави и во соработка со Владата, со Министерството за внатрешни работи и со другите државни органи.

Националната безбедност и работата на Советот за безбедност ќе бидат над партиските интереси и политичката нетрпеливост, а во неговата работа ќе бидат вклучени претставници на власта и на опозицијата“, пишува во програмата.

Како осум најважни проекти во програмата на Пендаровски за првите осум месеци се дефинирани:

Форум за натпартиски политички дијалог

„Во рамките на заложбата за поттикнување на политичкиот дијалог, националното помирување и надминувањето на општествените конфликти, ќе организирам редовни средби со политичките партии и ќе поттикнувам постигнување натпартиски компромиси за стратешки важните прашања. Во рамките на форумот, според потребите, ќе биде вклучена и академската и стручната јавност, бизнис-заедницата, синдикатите и граѓанските организации“, пишува во програмата.

Лице во лице со претседателот

„Ќе организирам директни средби со граѓаните во нивните градови и села, според однапред утврден годишен календар на средби. На тие средби директно и без посредници ќе разговарам со граѓаните и ќе одговарам на нивните прашања и предлози“, пишува во програмата.

Претседателски Центар за политичко образование

„Во рамките на Кабинетот на претседателот, ќе формирам центар за континуирано политичко образование во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Центарот нема да биде школа за политички елити, туку ќе настојува да ги поврзе младите од различно потекло во рамките на повеќе едукативни настани со еминентни предавачи и тренери од државата и странство“, пишува во програмата.

Фонд за стипендирање студенти и истражувачи

„Досегашната награда за најдобар млад научник ќе ја трансформирам во Фонд за стипендирање на најдобри студенти на универзитетите во државата, но и на наши студенти на реномирани универзитети во странство. Фондот ќе поддржува и иновативни истражувачки проекти на млади истражувачикоишто работат на универзитетите и научните установи во државата“, пишува во програмата.

Годишна конференција за научен и технолошки напредок

„Годишната конференција ќе биде можност за претставување на научните достигнувања и резултатите од истражувањата на научниците, истражувачите и иноваторите во нашата држава. Таа ќе биде поддржана од претседателот, а организирана во соработка со универзитетите и научните установи во државата“, стои во програмата.

Волонтираме за солидарно општество

„Кабинетот на претседателот ќе организира волонтерски настани секоја година на коишто граѓаните ќе имаат можност да волонтираат за општокорисна цел. Целите и настаните ќе бидат дефинирани на годишно ниво во соработка со државните институции, општините и граѓанските организации. Основна цел е да се промовира волонтерството како концепт за служење на заедницата и помагање на ранливите групи граѓани“, пишува во програмата.

Жени во политиката

„Ќе назначам посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката. заедно со неа, мојот кабинет ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката. Ќе ги поддржам заложбите за задожително учество од најмалку 50 % жени на изборните листи на парламентарните и локалните избори.

Активно ќе се залагам за осигурување зголемено присуство на жените на сите нивоа на одлучување во националните, регионалните и меѓународните институции и механизми за спречување, водење и решавање на конфликтите во рамките на националните активности за имплементација на резолуцијата 1325 на Генералното собрание на Обединетите нации“, пишува во програмата.

Претседател на сите граѓани

„Мојата заложба ќе биде во Кабинетот на претседателот да има претставници од сите етнички заедници избрани според нивната компетентност и професионалност. Кабинетот на претседателот ќе го отсликува нашето мултикултурно општество“, пишува во програмата.

Целата програма ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Стево Пендаровски професионално: Од советник на Црвенковски и Трајковски до кандидат за претседател

(Галерија) Стево Пендаровски приватно: Благороден и необично духовит татко

Фото: Фејсбук/Пендаровски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

42-годишен кавадарчанец подолг период ја силувал својата 7-годишна ќерка

Редакција

МВР склучи договор со „Даути комерц“ вреден 700 илјади евра

Редакција

Поскапувањата на цените на струјата, бензинот и храната, најголем проблем и за Грците

Редакција